Утре на ждрепката во швајцарскиот град Нион ќе дознаеме кои ќе бидат противници во четвртфиналето на Лигата на шампионите и во Лига Европа. Вечерва во второто по ранг натпреварување на УЕФА се играат реваншите и ќе бидат познати патниците во следната фаза.
И сè делува вообичаено додека не се појави можноста таму да се сретнат два клуба со огромна армија навивачи кои не важат баш за мирољубиви - Бешикташ и Ајакс. Покрај веќе „стандардните“ хулигански испади по цела Европа, овој меч би можел да биде од преголем ризик, па главешините во УЕФА дисктуриале на оваа тема.
Причина за тоа е големата тензија која на државно ниво расте меѓу Турција и Холандија која што неодамна забрани влез на двајца министри од Турција кој во оваа земја требаше да одржат говори на митинзите во знак на поддршка на уставните реформи кои ги предлага турскиот претседател Реџеп-Таип Ердоган. Холанѓаните вчера имаа избори, топката наизглед се смирува, но УЕФА знае дека тоа не важи и за хулиганите.
Навивачите на Бешикташ најмалку еднаш сезонава направија инцидент (во Истанбул физички нападнаа група навивачи на Наполи), а рози не им цветаат ниту на „Копјаниците“ од Амстердам кои „се пробаа“ со тешкашите од Легија Варшава.
И покрај тоа што двете групи важат за аполитични, тензијата меѓу Холандија и Турција е најголема во последните неколку децении, така што УЕФА сака два пати да имзери пред да пресече. Но да не брзаме и ние, има реванши да се одиграат вечерва па после нив УЕФА нека му ја мисли.
Во правилата на УЕФА и ФИФА се и оние дека претставници на две земји кои биле или се во конфликт (Русија-Украина, Азербејџан-Ерменија, Косово-Србија) не може да се паднат во иста група. „Целосниот фокус е на мечот против Копенхаген и пласманот во следен круг. Дури кога ќе го обезбедиме тоа, ќе размислуваме што понатаму“, кратко изјавил портпаролот на Ајакс Миел Бринкхиус.