Преку 95 хрватски државјани, навивачи на Динамо Загреб се во грчките затвори од каде полицијата секојдневно ги носи по судовите. Група родители на некои од притворените, пишала отворено писмо до премиерот Пленковиќ во кое бара државата да реагира и макар да ги донесе на суд во Загреб.
Грчките медиуми веќе пишуваат дека во грчките затвори се спрема одмазда за хрватските хулигани. Новинарите го прашале претседателот Зоран Милановиќ за состојбата на навивачите во грчките затвори.
„Грција не е правна држава! Тие луѓе се третираат како воени заробеници. Да сум премиер, би размислил што би направил. Не е едноставно. Ова е на граница на воено право. Ги третираат како заробена единица“, изјавил хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Хрватските навивачи се воглавно во истражни затвори, а претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ вели дека се плаши дека ќе има „колективна етичка казна“ за нив.
Грчката полиција по нередите во кои загина симпатизер на АЕК, уапси 105 лица од кои повеќе од 95 хрватски навивачи.
Мечот меѓу АЕК и Динамо се одложи за вечерва. Првиот дуел ќе се игра во Загреб.
„Можам да влегувам во причини зошто е тоа направено сега и зошто баш во Грција и што Грција треба да добие од УЕФА и зошто им е важно да префрлат одговорност на 100 Хрвати. Колку Грци се во притвор“?, резигнирано прашува Милановиќ.
Тој додава и дека грчките власти ниту после пет дена по апсењето на навивачите без образложение, не им е доволно да идентификуваат кој е одговорен, туку сите „ги стрпале во затвор“.
„Имаш пет дена од една група луѓе да издвоиш кукол, а ти ги трпаш сите во притвор и уште ги расфрлаш по цела Грција за да ги претепаат и силуваат. Сјајно - тоа е ЕУ!“
Хрватскиот претседател вели уште и:
„Не можеш да држиш 100 луѓе во притвор, пет дена во детенција. Тие пет дена ти даваат огромно дискреционо право да видиш што се случило, а после тоа тие човечки суштества и наши граѓани имаат свои човекови права. Само јас морам да бидам тој кој ќе каже очигледни работи. Ова е најобичен зулум!“, рекол Милановиќ.
Од Атина му стигнал брз одговор на Милановиќ. Портпаролот на грчкото МНР, Стратос Ефтимиу рекол дека „Грција е правна држава и дека независното грчко правосудство непристрасно и објективно ќе пресуди во овој случај и дека грчката држава секогаш гарантира почитување на законите и интегритетот на сите кои се наоѓаат во казнените институции. Какви било изјави кои ја искривуваат стварноста не придонесуваат на моменталната ситуација“.
Од друга страна, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој веќе подолго време е во лоши односи со Милановиќ, рекол дека „родителите на уапсените Бед Блу Бојс треба да го замолат Милановиќ веќе да не им помага“.
„Поддршката и ангажманот на хрватската држава и дипломатија во случајот со притворените хрватски државјани во Грција се максимални, а Милановиќ праќа пораки кои не се таму добро примени и кои на нашите државјани нема да им помогнат.
Спорт да, фудбал да, спортско навивање да, хулиганизам не и тоа силно не на хулиганизам“, рекол Пленковиќ и додал дека треба разбирање за грчката страна и дека Милановиќ праќа пораки на кои ќе реагираат и судиите а ни политичката јавност нема да биде воодушевена.