Огромен дел од хрватската јавност е бесен и огорчен поради штетата која што ја направија навивачите на вчерашниот меч Хрватска - Чешка 2:2. УЕФА спрема драконски казни, а хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) се надева дека ќе пројде само со финансиски казни.
Во коментарите по социјалните мрежи и генерално целото раководство на хрватската влада и тамошниот фудбалски сојуз велат дека хулиганите треба да бидат осудени по брза постапка. Од друга страна, навивачката сцена го оправдува овој испад кој бил против претседателот на сојузот, Давор Шукер и владателот од сенка, Здравко Мамиќ.
Во меѓувреме претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ свикала тематска седница на владата поради нередите на стадионите, посебно на оној вчера. Дневниот ред е извештајот на Сигурносно-безбедносната агенција и Министерството за внатрешни работи на Хрватска за нередите пред, за време и по натпреварот Хрватска - Чешка.
Попладнево Хрватскиот сојуз свика прес-конференција на која што зборуваше Анте Чачиќ, а веднаш после него се обратија и Крешимир Антолиќ и Мирослав Марковиќ, првите полицајци на ХНС.
„Хрватската репрезентација и овие играчи нема да ги запрат оние кои се обидоа да ги срушат хрватските сни. Од ова ќе излеземе посилни. Хрватската репрезентација е симбол на патриотизмот. Тешко е да се одбраниш од хулиганизмот, а после нередите сме шокирани и не веруваме дека некој којшто е хрватски навивач сака се најлошо. И јас реков дека најмногу ме боли што сме заложници на таквото однесување коешто му штети на спортот. Праќаме грда слика во светот и тоа не е Хрватска", додаде хрватскиот селектор.
УЕФА објави дека хрватскиот сојуз ќе сноси одговорност поради тоа што нивните навивачи предизвикале прекин, поради уфрлање на пиротехника и насилно однесување на трибините и надвор од нив. Странските медиуми почнаа да нагаѓаат дека Хрватска би можела да биде исфрлена од Европското.
Конечната одлука ќе се знае во понеделник, 20. јуни. УЕФА претходно покрена постапка против репрезентацијата на Хрватска поради користење пиротехника и втрчување на навивач на терен против Турција.