Неделниот натпревар од 7. коло во Серија А меѓу Болоња и Лацио беше закажан од 15 часот, но навивачите го стартуваат во 9:30 на свој начин. Всушност тоа не беше натпревар, туку заеднички собир во чест на Синиша Михајловиќ.
Навивачите на двата клуба се собраа пред црквата Сан Лука и заедно го скандираа името на тренерот на Болоња и поранешен играч на Лацио кој со легендарната генерација го освои Скудетото во 2000-та година.
Собирот на двете групи беше пред сè да го испочитуваат Синиша и заедно да се помолат за неговото здравје. Како што е добро познато, тој пред скоро три месеци соопшти дека боледува од Леукемија.
Ова е втора молитва пред истата црква после онаа на навивачите на Болоња на кои им се придружи и сопругата на Михајловиќ, но прва на навивачки групи од две различни екипи.
За српскиот стратег ова беше трето присуство на стадион. Претходно од клупа ги водеше и средбите против СПАЛ и Верона. Докторите му дозволуваат да го води тимот на лице место, но не секогаш.
На Ренато дал Ара тој беше пречекан со аплаузи и овации, а покрај домашните од срце ги поздрави и гостинските навивачи.