Жоел Ембид е нов МВП во НБА, со солзи ја проследи веста

Центарот на Филаделфија кој го пропушти првиот дуел со Бостон Селтикс во полуфинале на Истокот кога неговите победија предводени од Харден, синоќа дозна дека е прогласен за најкорисен играч во лигашкиот дел на НБА.

Жоел Ембид веста ја дозна на телевизија, во друштво на своите соиграчи кои во хотел каде се наоѓаат во карантин пред вториот дуел со Селтикс, веднаш му честитаа на снажниот центар.

Ембид прво се насмеа а потоа емотивно го доживеа моментот и се расплака додека соигачите скандираа: „МВП, МВП!“

Африканецот кој може да заигра за Франција наскоро, првпат во кариерата ја добива оваа највредна награда за најкорисен играч во лигашкиот дел од сезоната.

Пред него, Никола Јокиќ два пати по ред ја добиваше оваа награда во претходните две сезони. Овојпат Камерунецот е МВП пред Јокиќ и Адетокумбо.

Интересно трета сезона по ред наградата ја добива центар, како своевидн одговор на поборниците на теоријата дека центрите се веќе „ендемски вид“ во НБА.

Притоа петта година по ред странец ја добива наградата за најкорисен играч (Андетокумбо 2019, 2020, Јокиќ 2021, 2022, Ембид 2023). Претходно единствени странци кои ја добиле оваа највредна награда беа Хаким Олајџувон (1993/1994), Стив Неш (2005/2006) и Дирк Новицки (2006/2007).

Жоел Ембид одигра врвна сезона откако е во Филаделфија ’76. Втора година по ред е на чело на листата најдобри поентери а ја зголеми и својата лична ефикасност: во просек даваше сезонава по 33.1 поен по натпревар, со по 10.2 скока во просек и 4.2 асистенции по натпревар.

Никола Јокиќ кој заврши веднаш зад него, стана трет играч во историјата после Расел Вестбрук и Оскар Робертсон кој во просек имал најмногу трипл-дабл учиноци. Србинот имаше во просек по 24.5 поени по натпревар во просек, со по 11.8 скокови и 9.8 асистенции.

3 мај 2023 - 09:49