Двете финалиња по конференции ни донесоа, можеби резултатски не толку возбудлива, но, сепак, историска нба кошарка. Леброн Џејмс во мисија да пишува епска кошаркарска фантазија, а Splash Brothers – ите (Стеф Кари и Клеј Томпсон) ја доведоа кошарката до едно ново рамниште на спортското ужување. По збришката на Атланта со 4-0 и толчењето на Хјустон со 4-1, првото прашање кое се наметнува е: дали Кливленд и Вориорси беа прејаки или Атланта и Хјустон беа преслаби!? Кошаркарски гледано, ми навагнува втората претпоставка.
Иако, Атланта никогаш не биле поблиску до Larry O'Brien Trophy, сепак нивниот настап во финалната серија беше повеќе од понижувачки. Да, победија 60 натпревари во регуларниот дел на првенството. Имаа 4 олстар играчи и тренер на годината. Наликуваа на Сан Антонио, вртеше топката до изнемоштување на одбраната, централниот pick and roll голем за мал беше ефективен, spacing-от скоро совршен, дефанзивно повеќе од солидни. Меѓутоа, беа така надиграни од Леброн Џејмс и другарите, по што Атланта од постсезоната личеше на некоја сосема друга екипа. Не блескаа ни во дуелите со Бруклин и Вашингтон, но со Кливленд покажаа таков очај и немоќ, по кои се прашувате што бараат во финале на конференција. Чарлс Баркли, од аналитичкиот центар на Inside NBA на TNT, онака баш нагледно, ги нарече играчите на Атланта чивави кои би требало да играат со питбулите од Оукланд. Но, онаа слабост што бодеше во очи, беше бранењето на Леброн. Кралот има слабости, а ниту една од нив не беше искористена. На пример, за 3 шутира 17 %, еден на еден со лице напаѓа предвидливо со познатиот му залет од типот “иде возот в снег”, при поцврста одбрана на пост ап често милува step back – ови кои се тешки и ги погодува со процент со кој можееш да живееш. Меѓутоа, Леброн не само што не беше напаѓан и притискан кога си играше ball handler, не само што не беше охрабруван да шутира повеќе од што подалеку, туку беше неверојатно оставен и непопречен да се намести на врвот од линијата за 3, со рацете да диригира на терен “ти ваму, ти таму, ти доле...” и слободно да ја одигра поставката. Од друга страна, удвојувањата беа или ненавремени, или погрешни, или поставени кога не е опасен. А ротациите и help the helper движењата како да не постоеа.
Сосема е јасно дека е ѓаволски тешко да се игра против Леброн, но ако веќе се удвојуваше, требаше многу почесто со рано удвојување со т.н замка, пред да се намести акцијата, при која и по која мора да ја даде топката на слободниот играч. Такви замки при секој допир со топката, со т.н. attack zone имаат слабости бидејќи Леброн е добар додавач, но ако стапицата се прави близу центарот (а штом игра ball handler тоа е возможно) се оневозможува лесна спот ап позиција и опасните вртчувања на слободниот играч. Секако дека ова е ризик, но што имаше коуч Мајк да изгуби повеќе!? Но, да бидеме фер кон Атланта, кој очекуваше дека Шамперт и Џер Ар, по срамната епизода во Никси, ќе играат на ова рамниште? Кој очекуваше дека човекот кој стана познат по тоа што куцаат врз него со т.н мозговача ќе биде повеќе од солиден и доминатен? Кој очекуваше дека Томсон ќе одигра така посветено и ефективно, што сите ќе го заборават Кевин Лав, а Ethan J. Skolnick од Тарнер Спорст ќе твтитне дека Томсон можеби не е подобар од Лав, но подобро се вклопува во победите на оваа група кошаркари и треба иднината да се гради на него, а не на Кевин Лав. И на крај, кој можеше да претпостави дека Dellavedova ќе биде така валкано “копиленце” како Tonya Harding, американската репрезентативка во уметничко лизгање, која 90-тите и ги кршеше нозете на нејзината главна соперничка Nancy Kerrigan.
Во поглед на серијата Вориорс – Хјустон, мојот впечаток е дека Хјустон и Харден се заложници на неподносливиот и непоправлив карактер на Хауард. Додека го лечеше коленото сезонава, Брадата и останатите беа незадржливи. За оние кој не знаат за неговата хипокризија, проблематичен карактер и ниска IQ, доволно е да се спомне неговата изјава по завршувањето на последниот меч со Вориорси кога рече: ...no matter how the season ends, I'm still a champion. And I won't let anyone tell me different. Неговиот разгален карактер и чувство за самокритичност кое се граничи со 0 така очигледно се потврди на последниот натпревар, по што беше навистина непријатно да се гледа како Двајт му забележува и негодува на времешниот Тери зошто не го фатил пасот. А кутриот пас од Хауард беше упатен кон бабичката од првиот ред во публика. Настрана фрустациите и неефективната игра, настрана проблемите со слободните фралања, она што непоправливо им го направи на Хјустон е што успеа да ги натера да му го донесат кумашинот Џош Смит од кој Детроит се откажаа и по цена на огромна милонска штета и загуба. Оттука, оваа полаза од играч им се накотви на Хјустон и со свето себеубедување дека е шутер поприлично ја поремети офанзивната игра трошејќи и царинејќи ги оние топки кои требаше да бидат во рацете на Харден. И таков Харден со 13 загубени од game 5 е подобро да ја има топката во раце, отколку Смит за 3 и Хауард на пост ап. Можеби на секоја глупост на Хауард и секој нерезонски шут на Смит, коуч Кевин мора да чука раце и охрабрува, но, имам чувство дека останатите играчи веќе одамна знаат со кого си имаат работа и во какво кошаркарско заложништво на кумашините се наоѓаат.
Доста за поразените, од утре посветено на Големото НБА финале. J