Никола Јовиќ (20) важи за еден од поголемите таленти од Европа а во НБА замина исто како и Никола Јокиќ, од развојниот српски тим Мега Баскет.
На Јовиќ, кој инаку е крило, му се посреќи уште во дебитатнската руки сезона да стигне со Мајами Хит дури до големото финале каде играат против Денвер Нагетс.
Интересно, младиот Јовиќ е роден во Лестер каде татко му Илија играл кошарка еден период. По враќањето во Србија, Јовиќ тренирал ватерполо за Партизан и играл за младите категории на тимот КК Сава пред да замине во Мега Баскет во 2018-та година.
Јовиќ блесна на јуниорскиот турнир на Евролига во сезона 2020/2021 кога имаше по 29,3 поени во просек по натпревар со по 10,3 скока и 4,5 асистенции. Беше прогласен за најдобар играч (МВП) на тој младински турнир.
Следната 2021/2022 беше прогласен за најдобар млад играч во јадранската АБА лига, а во април 2022-ра се пријави за НБА драфтот што е сон за секој кошаркар. На 23-ти јуни лани бил присутен на драфтот во Барклис центарот во Бруклин а беше избран како 27-ми пик од Мајами Хит.
Во првата сезона му се погоди Мајами Хит да направи чудесни резултати и иако 8-ми на табела едвај влезе во плејофот, таму по ред ги растури Милвоки Бакс, Њујорк Никс, Бостон Селтикс за да сега во моментов губи 1-2 во финалето од Денвер Нагетс.
Јовиќ, како и неговиот сонародник Јокиќ се бори за шампионски прстен.
„Ретко кој веруваше во нас, но најважно беше ние да веруваме во себе. Знаевме колку можеме. Ние секогаш сме психички спремни, спремни сме за напорна работа, знаеме што не очекува“, вели Никола Јовиќ за РТС.
Тој сезонава просечно бележи по 5,5 поени во просек по натпревар а во финалната серија досега доби 3 минути во два меча на кои оствари 1 скок.
„Не знам како ќе биде следните натпревари, знаеме дека целиот плејоф сме физички посилна екипа, но и поагресивни од противникот. Мислам дека така треба да продолжиме“, рекол кошаркарот на Мајами.
На прашањето дали се дружат со Јокиќ од кого проистекнуваат од истиот клуб Мега Баскет, младиот Никола Јовиќ за сајтот на НБА вели:
„Не го познавам добро. Само што почнав во НБА. Го гледам како постар брат во однос на тоа што е и кој е. Се надевам дека ќе го запознаам подобро и дека ќе ме научи се што знае“, вели Јовиќ кој би требало со Јокиќ да бидат соиграчи за Србија на претстојното Светско првенство на крајот од август и почеток на септември.
Во февруари годинава, кога Денвер Нагетс гостувал во Мајами за време на регуларната сезона, Јокиќ организирал голема вечера за семејствата на блиски пријатели Срби кои живеат во САД. На вечерата бил и младиот Јовиќ.
„Ми даде многу совети и од срце ги прифатив. Ми кажа како оди лигата, како треба да работам. Прекрасен беше. Многу ја сакам играва, го сакам него како личност. Ми се допаѓа како се грижи за себе, многу е скромен и благодарен. Не е гласен на социјални медиуми. Гласен е со тимот и со семејството. Во мојата земја младите многу го сакаат и оние кои играат баскет се угледуваат на него. Горди сме на него. Многу ни значи затоа што сме мала земја. Среќен сум што јас и тој ја претставуваме Србија“, вели Јовиќ.
Следниот меч Нагетс - Хит е во 2:30 часот после полноќ меѓу петок и сабота.