„Во кошарката најважна е логиката, Јокиќ не се движи, ама е гениј и доминира“

„Со кошарка се заразив откако гледав како Југославија ја победува Бугарија, најмногу благодарение на Иво Данеу. Можеби сум малку пристрасен, но кошаркарската супериорност на луѓето од екс Југославија доаѓа од неколку фактори. На прво место е карактерот. Тие се горди, не поднесуваат некој да си игра мајтап со нив“. 

Серџо Тавчар веќе 50 години е референца за кошарка на италијанските екрани. Тој е гласот на кошарката во Италија. Нешто слично како наш Љубомир Николовски на А1.

Со таа разлика што тој има 75 години и е носталгичен кон старата југословенска кошарка. Има потекло од Словенија и многу сака да зборува за легендите кои имал можност да ги коментира во тоа време почнувајќи од Далипагиќ и Делибашиќ, па се до Дражен Петровиќ, Кукоч, Дивац.

Критички е настроен кон денешната НБА лига, а кога го прашуваат за најдобрите од САД и Европа, го пиадестал вади сè легенда до легенда.

Дефиниција за кошарка?

Спорт кој се игра со логика и кој е за интелигентни луѓе.

Зошто со логика?

Затоа треба да научите да го направите вистинскиот избор. Ако на терен сте слаб како играч, тогаш правите нелогични и неразбирливи работи кои не водат кон ништо добро. Во кошарката треба да знаете како да ја прочитате играта, да имате рефлекси и да знаете да резонирате. Физикусот не е доволен. Погледнете го Дончиќ, прави што сака, а не е многу брз. Јокиќ не се ни движи, но е гениј и доминира. Тој за разлика од другите, може да стигне до трипл дабл со минимум 20 поени, вклучувајќи го мозокот.

Од каде потекнува вашата страст за кошарка?

Како дете сакав да погодувам цели. Потоа во 1960-та на Олимписките игри во Рим, гледав како Југославија ја победува Бугарија и така се заразив, најмногу благодарение на еден играч со презиме од мојот крај. Тоа е Иво Данеу.

Потоа игравте и трениравте, нели?

Бев бавен, не можав да скокам. Се чувствувам поудобно како тренер, можеби и затоа што и двајцата мои родители беа учители. Со пријателите формиравме клуб кој се викаше Полет, што на словенечки значи енергија. Породолжив до 90-те, комбинирајќи ја работата во сала како коментатор.

Прв меч кој сте го коментирале?

Хокеј на мраз во 1971-ва. Истата година го коментирав финалето во кошаркарскиот Куп на шампиони помеѓу ЦСКА и Игнис варезе. Од тогаш почнав да коментирам по 10-15 меча месечно.

Што мислите за денешните тв коментатори?

Прво, не можете да ги наречете тв коментатори, туку радио коментатори со видео. Кога се двајца премногу зборуваат. И пред се не зборуваат многу за тоа што се случува на терен. Не ме интересира да знам колкав број на копачки има играчот, туку сакам да знам што свирнал судијата, кој ја изгубил топката и зошто. Првата работа што ме научија беше: „Гледачите го гледаат тоа што го гледаш ти, кажи им го тоа што не го знаат. Задачата на коментаторот е да ја комплетира визуелната информација со нешто корисно. Денеска пуштам тв и се нервирам. Честопати и го гасам тонот.

Има ли некој коментатор кој ви се допаѓа?

Го ценам Џери Де Роса од Скај Спорт. Но, никој нема да допре до луѓето како мојот пријател Бруно Пицул. Знаете ли кои беа неговите квалитети? Го знаеше одлично италијанскиот јазик. Денес сите користат англиски термини затоа што тоа е кул и забораваат дека тоа е италијанска телевизија што ја гледаат Италијанците.

Кој е најдобар кошаркар во историјата?

Мајкл Џордан, без сомнение. Ако видам некој што дискутира на оваа тема, не разговарам повеќе со него. Истото се случува и кога ќе ме прашаат за најдобрата петорка во историјата и тука нема дискусија: Меџик Џонсон, Мајкл Џордан, Лери Бирд, Бил Расел и Карим Абдул Џабар.

Пет најјаки европејци на сите времиња?

Овој избор е многу тежок. Две имиња се недопирливи. Кресимир Ќосиќ и Арвидас Сабонис. Потоа е тешко да изберам. Од бековите како би изоставил еден од Дражен Петровиќ, Сергеј Белов и Драган Кичановиќ? А на крило еден од Дражен Далипагиќ и Тони Кукоч? А Дивац? Мирза Делибашиќ беше најдобар за гледање.

Тоа се речиси сите деца на поранешна Југославија...

Можеби сум малку пристрасен, но кошаркарската супериорност на овие луѓе доаѓа од неколку фактори. На прво место е карактерот. Словените се горди, не поднесуваат некој да си игра мајтап со нив на терен и уживаат да им се потсмеваат на противниците. Луѓето таму никогаш не би платиле карта за да видат забивање или други американски атракции, туку за типичен југословенски баскет. Потоа тука е и физичката предиспозиција. Кога Алдо Џордани се соочи со Југопластика, се врати уништен. Им пуштија две момчиња по 210 см. Исто така се работи за училишниот систем. Секоја институција има сала со трибини за 500 до 1.000 места.

Денес многу Европејци се суперѕвезди во НБА. Тоа изгледаше невозможно.

Го користат мозокот во свет во кој доминираат врвните атракции и топ листи. На јавноста треба да и се покаже токму спротивното. Потезите кои се помалку атрактавни, но се клучни.

Најубавиот меч кој сте го коментирале?

Ќе изберам два. Финалето на СП 2002 меѓу Аргентина и Србија, каде клучен беше Дејан Бодирога и финалето на ЕП 1995 во Атина меѓу Југославија и Литванија, со сензационалниот Ѓорѓевиќ. Има и трет натпревар кој ми даде радост, а тоа е полуфиналето на СП 2006 во Јапонија, кога Грција ги надигра младите НБА ѕвезди, како Леброн Џејмс, Двејн Вејд, Кармел Ентони...Папалукас и Спанулис играа итра, балканска кошарка. Денешната НБА лига е негледлива. Не можам да ја поднесам злоупотребата на шутот за три поени и акциите во кои првиот што ќе пристигне на другата страна, шутира од 8 метри. Беснеам како ѕвер. Таа кошарка е нелогична.

23 април 2025 - 14:29