Интервју на Американецот од Црвена Звезда

Тивкиот ѕвер - Маркус Вилијамс

Како 22. пик на драфтот, Американецот во 2006-та потпиша со Њу Џерси Нетс. По авантурите во Порторико, Сибир, Краснојарск, Малага и Краснодар, леворакиот плејмејкер во моментов е лидер на Црвена Звезда во АБА и Евролигата, каде постави рекорд со најмногу асистенции на еден натпревар.

Во интервју за српското издание на vice.com, 29-годишниот плејмејкер зборува за неговиот животен пат и разликата во менталитетот кај просечниот Американец и Европјанин. Во кариерата најмногу научил од Џејсон Кид, на кого му беше замена во Њу Џерси, а од Сибир едвај чекал да си замине.
 

Маркус, ти си од Лос Анџелес. Какво беше чувството да се одрасне таму во средината на '90-те години? 

Ја имав таа среќа родителите уште од мали нозе да ме научат на прави вредности. Воопшто не ја фарбаа ситуацијата, туку ми ја претставија суровата вистина на маса. Немаше „Еј, немој да излегуваш таму и да одиш таму“, туку имаше „Знаеш како, ако отидеш на погрешни места, ќе најдеш дрога, банди и насилство“... Тоа некако ме исплаши, така што успеа нивната тактика. Во Лос Анџелес постојат две групи, Crips и Bloods кој апсолутно не се толерираат едни со други. Генерално гледано, ако знаеш каде се наоѓаш, нема проблем. Меѓутоа, една ноќ во погрешно друштво и отиде возот.
 
Твојата кариера во голема мера ја одбележаа културолошки шокови. Играше насекаде, од Русија до НБА. Сепак, првиот шок го доживеа како млад, кога се префрли од средното училиште Crenshaw на академијата Oak Hill во Вирџинија. Како ти беше како 16-годишно момче од Лос Анџелес на крајниот американски југ?

Да, чудно е кога од ЛА ќе дојдете во малото место Mouth of Wilson, каде единствено постои академијата. Се сеќавам дека доцна вечер слетавме во Шарлот и со кола тргнавме кон Маут. Заспав и кога се разбудив, мислев дека сме во некоја шума. Ги прашав родителите кај сме? Следното утро забележав дека во целото место има само пет-шест згради. И моето училиште.

Зошто отиде таму?
 
Oak Hill е престижна средина за младите кошаркари, функционира како интернат. Веќе ме регрутираа од Универзитетот во Конектикат, а моите сакаа да видам како е да се живее сам. Кармело Ентони, Џери Стекхаус, Рон Мерцер, Кевин Дурант, Ражон Рондо, се само некои од питомците на Oak Hill.

Ниту Вирџинија, ниту Конектикат немаат баш етничка мешавина како Лос Анџелес. Како се снајде на истокот?
 
Искрен да бидам, не ја видов многу Вирџинија. Бев фокусиран на кошарката и на малото место во кое живеев. Во Конектикат подоцна првпат почувствував како е да се живее во средина каде има повеќе белци, но тоа воопшто не ми сметаше. На факс имаше луѓе од секој ќош на САД, а јас сум тип на човек што лесно се вклопува.
 
После колеџот, те драфтуваше тогашниот Њу Џерси Нетс. Како руки му беше замена на Џејсон Кид.
 
Па многу е тешко да сте нечија замена. Стигнав од место каде редовно играв, а сега сум нечија резерва. Да се биде даблер на Џејсон Кид е одлично искуство, но во некоја рака и голема фрустрација. Можеше да изиграм пет, десет добри минути секоја вечер, но цело време бев свесен дека додека играм, на клупата својот ред го чека All-Star играч.
 
После Њу Џерси и епизодата во Голден Стејт Вориорс, го имаше своето прво меѓународно искуство. Отиде во Порторико.
 
Агентот ме контактираше и на крајот од сезоната ми кажа, сега можеш да си одиш дома, а можеш и уште да играш. Со оглед на тоа што целата сезона буквално ја преседов на клупата во Голден Стејт, решив да игра, и агентот ми го понуди Порторико. Само сакав да играм и сè испадна добро. Тимот за којшто играв, Quebradillas Pirates имаше најмногу навивачи. Стигнавме до финалето, но јас морав назад во САД, за да играм летна лига со Мемфис Гризлис.

Набргу потоа стигна и до европската кошарка. И тоа како, прво па машко, што би рекле.
 
Агентот тогаш ми кажа дека имаме неколку понуди, од кои една е од екипа која лани завршила последна, но нудат најмногу. А ништо подобри не биле ниту порано. Си реков, добро, не може да бидат полоши од тоа. Одиме таму. И така потпишав со Енисеј од Краснојарск. Немав појма за ништо. Ниту што е Евролига, ниту што е Еврокуп, европска кошарка.
 
Ни кажа како е да се отиде од Лос Анџелес во Вирџинија, а како беше да се замине од Мемфис во Сибир?
 
Тоа беше најголемиот културолошки шок во мојот живот.
 
Веројатно имаше некој Мекдоналдс во Краснојарск?
 
Каков Мекдоналдс, се распрашав, ми кажаа дека не можел да биде отворен поради некои правила и документација.
 
Антон Чехов своевремено кажал дека Краснојарск е најубавиот град во Сибир.
 
Можеби, но јас не излегував од дома. Надвор е -40 степени, не знаев никој, не знаев јазик, не знаев ништо. Само јас и Лони Бакстер (поранешен играч на Чикаго Булс) бевме заедно. Но, кошарката беше добра. Одигравме добра сезона и завршиме како четврти во силната руска лига. Ја победивме ЦСКА, веројатно за првпат во историјата. Се сеќавам дека народот влезе во теренот, се веселеа, славеа, како да сме освоиле којзнае што. Појма немав што е ЦСКА. Кошаркарски гледано, одлично беше, но едвај чекав да заврши сезоната и да побегнам дома. По прашање за живот далеку од дома, Сибир беше моето најлошо искуство.

Следната станица ти беше Кина.
 
Требаше да потпишам со УНИКС Казан, но тој ангажман пропадна поради здравствени проблеми. Паузирав четири месеци, а потоа стигна понуда да ја завршам сезоната во Кина. Прифатив чисто да играм нешто. Беше забавно, но имаа некое лудо правило според кое еден тим може да има само еден странец, а двајцата заедно не смеат да играат вкупно шест четвртини. Од таа причина, некои тимови ги држеа двајцата странци на клупа во првата четвртина и после ги пуштаа до крајот. Во Кина се игра 4х12 минути, па затоа во кладилница гледате некои чудни броеви кај нив со преку 130 поени.
 
После Кина се врати во Европа. Најде ангажман во ACB лигата, во Малага. Како се снајде таму?
 
Во Малага бев како да сум дома. Убаво време, убави плажи, храна по мој вкус. Во супермаркетите можев да најдам работи кои ги препознавав, луѓето во Малага зборуваат англиски. Одигравме силна сеозна, Уникаха имаше запазена улога во Евролигата. Супер беше во Андалузија и би кажал дека, после Лос Анџелес, таму би беше најдобро во животот.
 
И така стигна до Белград. Луѓето велат дека Балканот е место каде се среќаваат истокот и западот. Ти си бил и на истокот и на западот, има ли вистина во тоа?
 
Нешто и не го забележав источното влијание овде. Луѓето се многу поотворени, подобро ги прифаќаат странците. Во источна Европа, луѓето некако се понамуртени, порезервирани. Не затоа што сум јас црнец, туку тие се едноставно такви. Некако поповлечени, што знам. Но овде во Белград е поразлично. Пред некој ден налетав на навивачи на Партизан, ми викаа: „Еј, ќе ве искинеме следниот пат во дербито“, но онака во шега. Тоа е многу интересно.
 
Црвена Звезда во историјата многу ги сакала своите американски плејмејкери. Од Чарлс Смит, Скуни Пен, Омар Кук, ДеМаркус Нелсон.

Со ДеМаркус Нелсон имаме ист агент. Кога ги разгледував понудите и кога размислувавме за Звезда, агентот ми предложи да поразговарам со ДеМаркус. Тој до најситни детали ми објасни за каква екипа се работи, каква е организацијата, тренерот, тренинзите, градот, лигата... Искрено, не знаев многу за Звезда. Два пати се сретнавме додека играв за Локомотива, но тогаш ништо не можев да дознаам.
 
Твојот соиграч Чарлс Џенкинс веќе добро го запозна Белград. Често е главен по клубовите и луѓето го препознаваат на улица. Како стоиш ти со тоа?
 
Да бидам искрен, слободното време го поминувам дома и играм Плејстејшн. Не сум баш некој тип што излегува многу. И кога излегувам, излегувам со Чарлс на некоја вечера и слично. Родителите често ме зафркаваат дека не сакам внимание, а секој викенд играм пред 15.000 луѓе кои многу очекуваат од мене, затоа што играм како плеј.
 
Слушаш ли музика во слободно време?
 
Музиката не ме интересираше ниту како мал. Некаде на 14-15 години за првпат го слушнав Џеј-Зи кај татко ми во кола. Од тогаш почнав да го слушам само него, нешто помалку 50 Сент. Во последно време најмногу го слушав Ајс-Кјуб, особено кога тргна соло и ги ругаше останатите од бендот. 
 
Ти си Анхелено, навиваш за Лејкерс?
 
Татко ми навива за нив, ја сум дете од '90-те години и тогаш сите ги сакавме Булси.
 
Што ти е најголема желба во Новата година?
 
Одиме чекор по чекор во Евролигата и регионалната АБА. Сакаме да ја освоиме и титулата во домашното првенство, затоа што навивачите ја посакуваат веќе неколку години.