Струмичани играа кошарка во чест на Кочани

Баскет Дино од Кочани и Струмица Ролинг го одиграа последниот натпревар од сезоната во третата македонска лига. На никој не му беше важен резултатот. Целта беше сосема друга.

Се работи за натпревар кој беше закажан токму на тој проклет 16 март, но поради трагедијата, се одложи и се одигра изминатиов викенд.

Домаќин требаше да биде Баскет Дино од Кочани, но сепак организацијата ја презеде Струмица Ролинг на свој терен.

Целта беше една и единствена, да се наполни салата Парк колку што е можно повеќе за да се соберат пари за Кочани.

Цената за мечот беше симболична од 100 денари и се собраа 125.000 денари, кои ќе бидат уплатени на солидарната сметка на Црвен Крст наменета за помош на настраданите. 

„Струмица покажа дека сака кошарка. Струмица покажа дека е солидарна. Убави луѓе, ви благодариме што дојдовте во толкав број. Дојдете и на нашите следни натпревари, а ние како млад клуб можеме само да ви ветиме дека ќе воведеме уште новитети и ќе ги поправиме сите пропусти. Заеднички да ја вратиме културата за одење на натпревар и во иднина се почесто да ја полниме салата.

Во еден тежок натпревар, полн со емотивен набој нашата сениорска селекција оствари уште една победа против КК Баскет Дино. Благодарност до сите струмичани кои дојдоа во голем број, дадоа поддршка и ја покажаа својата солидарност“, стои во соопштението на струмкиот третолигаш.

Ангажираа тројца фотографи за да ја овековечат хуманитарната акција: Методи Велински, Дине Ристов и Благој Костов.

1 април 2025 - 14:00