Старата литванска школа ги разби САД - имало и некој појак од Америка

И покрај тоа што беа голем фаворит со неколку НБА ѕвезди а од клупа водени од врвни стратези како Стив Кер, Ерик Сполстра и Тајрон Лу, САД денес беа разбиени од Литванија 110:104. Сензација на Светското првенство. Испадна и Шпанија.

Литванија, една од ретките селекции која со Летонија и Србија немаат странски натурализирани кошаркари, денес ја оствари една од најголемите победи во својата историја.

Литванците тргнаа фуриозно уште од самиот старт на дербито со САД, наметнаа свое темпо и уште после осум минути водеа 23:10.

Стив Кер, селекторот на САД и повеќекратен НБА шампион со Чикаго Булс како играч и со Голден Стејт Вориорс како тренер, повика тајм-аут со цел да ги смири своите играчи, но тоа не беше доволно за расположените Литванци.

Со неверојатен шут го исфрлија фаворитот од ритам и после првата четвртина имаа неверојатни 31:12 против првиот фаворит за злато.

Во вториот период НБА кошаркарите направија серија од 7-0 но Литванија предводена од својот лидер снажниот центар Јонас Валанчунас продолжија во свој стил и на истекот на првиот дел имаа сензационални +21 поен предност! 

Валанчунас, Кузминскас, Бенџиус и Браздеикис го решетаа кошот на фаворитот и во вториот дел. САД пробаа со последен налет преку нивниот лидер Едвардс да се вратат но Литванија на крајот славеше заслужена победа 110:104.

Сензација која што го воодушеви светот на кошарката.

Интересно САД имаа напад за -1 во последните десет секунди но промашија, а на другата страна Димша заби за конечни 110:104.

Литванците на овој дуел погодија дури 14 тројки од 25 обиди и имаа дури 43 скока наспроти само 27 на очајните САД денеска.

Најефикасен беше Каринајускас со 15 поени, 14 уфрли Кузминскас а во оваа историска победа голем удел имаа Валанчунас со 12, Седекерскис, Браздеикис и Димша по 11 а Бенџиус додаде 10. Мотејиунас запиша 9 поени.

Кај Американците најефикасен со 35 поени беше Ентони Едвардс со 35 поени, а по 14 додадоа Мајк Бриџис и Брансон.

Литванија во четвртфиналето ќе оди на Србија а фаворитот САД ќе се обиде со Италија да го обели образот по дебаклот со Литванците.

КАНАДА ПОСЛЕ ГОЛЕМА БИТКА ГО ЕЛИМИНИРАШЕ СВЕТСКИОТ ПРВАК

Во второто големо дерби на денот, Канаѓаните со 88:85 ја победија Шпанија после голема борба и го исфрлија светскиот и европски првак од Мундијалот.

Шпанците имаа голема резултатска предност во поголем дел од мечот но во последната четвртина уфрлија скромни 12 поени и прокоцкаа огромна двоцифрена предност зошто на почетокот на последниот квартал имаа 12+ со поените на снажниот Гаруба.

Шеј Гилџес-Александер, најдобриот плеј во досегашниот тек од Светското реши да преземе одговорност и ја однесе Канада до историски триумф на крајот. Голем удел имаше и уште еден НБА играч, Никел Александер Вокер кој погоди тројка со која Канаѓаните и се приближија на Шпанците кога се „кршеа копјата“.

Скариоло реши да ги одмори своите играчи долго пред крајот од дуелот кој не беше готов. Тоа се испостави како решавачки момент затоа што Канаѓаните ја искористија пружената шанса и на крај славеа.

Канада во четвртфинале ќе оди на најголемата сензација на Мундијалот, Летонија.

Шеј Гилџес-Александер уфрли 30 поени со 7 асистенции, Дилон Брукс постигна 22 а Ар Џеј Берет додаде 16.

Кај Шпанците најефикасен беше Вили Ернангомез со 25 поени, Санти Алдама додаде 20 а Алекс Абринес 11. Шпанија како светски првак е елиминирана.

3 септември 2023 - 19:02