Сјајната приказна за тетоважата на малиот Џовани Симеоне, син на Чоло кој блеска во Наполи

Џовани Симеоне е шпиц од стар ков. Иако има 27 години, тој веќе може да се каже дека е прекален, искусен центарфор кој неодамна дебитираше во Лига на шампиони и дури и даде гол против големиот Ливерпул. Интересна анегдота го следи овој погодок кој ќе го памти цел живот.

Наполи игра почеток на сезона од соништата. Растураат Наполитанците во Серија А каде се лидери, а во Лига на шампиони ги разбија Ливерпул (4:1), Ренџерс (0:4), Ајакс (1:6). 13 гола на само три меча во ЛШ.

Интересна епизода видовме пред неколку недели кога Наполи на својот „Сан Паоло“ (по ново „Диего Армандо Марадона) го совлада Ливерпул со преубедливи 4:1.

Но да се вратиме 14 години порано.

Уште во детството, малиот Џовани Симеоне на раката го истетовирал логото на Лига на шампиони и дал едно ветување:

„Имав 13 години кога ја нацртав првата тетоважа. За тетовирање мораше да се биде полнолетен, да се има 18 години, но јас бев толку вљубен во Лига на шампиони што го истетовирав логото на 13 години“, раскажал пролета лани Џовани Симеоне додека уште беше играч на Каљари и само можеше да сонува Лига на шампиони.

„Татко ми не сакаше да слушне, се разбира, а мајка ми ме праша: „Зошто сине?“. И одговорив: „Еднаш ќе заиграм во таа Лига на шампиони и ќе дадам гол. Тогаш ќе ја бакнам тетоважата“. На 13 години размислував само на едно нешто: „Европа, Европа, Европа“.

Младиот Аргентинец требаше да чека до 27 години.

На 7 септември 2022-ра Наполи го пречека Ливерпул и го потопи со 4-1.

Во 41’ минута од мечот Џовани Симеоне го замени повредениот Нигериец Осимен а веќе во 43’ минута после неколку секунди го даде својот прв гол во Лига на шампиони, трет вечерта во мрежата на Алисон.

Се разбира ја бакна тетоважата и покажа силни емоции!

Интересно, пред 26 години, на 11 септември 1996-та, Диего Симеоне постигнал дури два гола на дебито во Лига на шампиони против Стеауа.

ЏОВАНИ Е РОДЕН ВО АРГЕНТИНА НО СЕ СМЕТА ЗА ЕВРОПЕЕЦ

Најстариот син на Диего Симеоне секогаш беше во сенка во европскиот фудбал. Иако расен стрелец и одличен шпиц, Џовани Симеоне дури на 27 се прочу на голема сцена.

Детството го поминал во Шпанија и Италија но во 2005-та Диего Чоло Симеоне се врати во татковината, а Џовани подоцна почнал да тренира во академијата на Ривер Плејт.

„Се вративме во Аргентина, но јас секогаш имав идеја да се вратам во Европа. Роден сум во Буенос Аирес но како да бев Европеец. Со тек на време сфатив дека Аргентина е моја татковина, иако длабоко во душата Европа ми е некако поблиска. Не само по фудбал туку и по начин на живот“, признал во едно интервју за Гардијан, Џовани Симеоне.

Тој не сакал кога го споредуваат со татко  му и сакал да направи свое име. Во детството тоа му го попречувало познатото презиме.

„Кога стигнав до прва лига на Аргентина ме викаа Ел Чолито („малиот индијанец“, од прекарот на татко му Чоло). Или уште попросто: син му на Симеоне. Јас се бранев, викав: „Ама јас не сум Ел Чолито, јас сум Џовани Симеоне“. Се обидував да докажам дека играм зошто можам и знам да играм а не поради тоа кој сум. Затоа што давам голови затоа сакам да дојдам во Европа“, рекол на времето синот на тренерот на Атлетико.

Со години се сменила ситуацијата со презимето. „Сфатив дека излегов од сенката. Луѓето веќе знаат кој сум и на што сум способен. И на татко ми му тежеше. Тоа е чувство кога синовите на фудбалерот никогаш нема да можат да се споредат со него. Јас давав голови, се развивав, стигнав до прв тим, но тоа како да не беше доволно.

Во младинската школа на Ривер бев со деца кои немаа што да јадат буквално. Разликата беше голема. Се обидов да покажам дека и јас сум уште едно обично дете, да пробам да го добијам тоа што и тие, но тешко беше. Прво екипата не ме примаше поради тоа кој сум. „Зошто играш фудбал, ме прашуваа, ако имате пари?“ Многу од нив играа за пари, тоа им беше спас за семејството.

А за мене фудбалот е страст. За нив исто, но тие имаа фамилии, менаџери, агенти, други луѓе во околината кои им зборуваа: „пари, пари, пари“. Некои завршија рано зошто не може да се изборат со притисокот и барањата кои јас искрено ги немав.

Јас играв зошто сакав да играм, не чувствував што ќе добијам. Додека не дојдов во Европа на 22 години. Секогаш си повторував: „целта ми е да играм во Европа, во Европа“.

ВО ЛЕТОТО 2021-ВА ГО ПРОГЛАСИЈА ЗА ВИШОК ВО КАЉАРИ, А ОТИДЕ ВО НАПОЛИ И ИГРА СЕЗОНА ОД СОНИШТАТА

Џовани Симеоне во 2013-та се појавил со многу чудна, будалеста фризура на тренинг во Ривер Плејт. Тогаш имал 18 години и стигнал до прв тим. Морал да исполни ветување на соиграчите дека ќе ги остави да го шишаат како сакаат ако стаса до прв тим.

После девет години, на Гугл уште се појавува таа фотографија кога го барате него.

Во летото 2015-та Џовани го пратиле на позајмица во Банфилд. Таму му било полесно да игра повеќе. И успеал, давал голови, играл во добра форма и добил повик за Аргентина У20 на младинска Копа Америка каде станал шампион и најдобар стрелец (9 гола на 9 меча). Ортак во нападот му бил Анхел Кореа кој сега игра за Атлетико Мадрид кај татко му Диего Симеоне.

Веќе следната 2016-та Џовани конечно стапна повторно на омилениот континент - Европа. Сезоната 2016/2017 беше фантастична за него во Џенова: 12 гола, одлични настапи и понуда од Фироентина која тогаш имаше многу поголеми амбиции.

Но очекуваниот раст не се случи. Џовани во Фиорентина пружи просечни партии, а после во Каљари имаше променливи настапи: после 14 гола, даде само 6 па 12 па повторно само 6 во неколку сезони.

Летото 2021-ва Каљари го стави Џовани Симеоне на трансфер листа. Планираа за него да добијат понуда од околу 10 милиони евра. Заинтересирани биле Марсеј и Удинезе, а Ди Марцио соопшти дека и руски Зенит бил спремен веднаш да ја плати сумата.

На неколку дена пред крајот од тој летен преоден рок лани, на крај заврши во Верона напозајмица. И тука ја одигра најдобрата сезона во кариерата: 17 гола и 6 асистенции на 35 меча во Серија А од кои дури 4 против Лацио во триумфот 4:1, два против Јувентус за само 15 минути игра (2:1) и пет гола на два меча со Венеција (хет-трик и дубл).

После блесокот со Лацио кој го пренесоа сите светски спортски медиуми, Диего Симеоне јавно му честиташе: „Ова е најдобар меч во твојата кариера. Никогаш не сум те видел таков!“

Минатата сезона Џовани ѝ помогна на Верона да заврши 10-та, да избори опстанок и мирно да плови. А Каљари кој го позајми, испадна во Серија Б. Во јуни годинава Верона го откупи договорот со Џовани до 2026 но веќе во август за одлична сума го позајми во Наполи (исто со право на откуп).

Сонот на Симеоне за настап во Лига на шампиони беше на потфат до рака. И успеа. Досонува... И уште сонува.

5 октомври 2022 - 14:07