Опоравувањето од повредата и враќањето на Кармело Ентони во тимот на Њујорк Никс ја уби „Линоманијата".
Учинокот на Лин од просечни 20 поени по натпревар падна на 16, реализацијата од 47% се спушти на 39%, а бројот на асистенции од просечни 8,4 паднаа на 7,2 по натпревар.
Падот во формата на Лин има големо влијание и на неговиот тим. Не само што Њујорк загуби шест натпревари во серија, туку овој пад влијае негативно за тимот и од повеќе други аспекти.
Никс повеќе не се милениче на медиумите во САД. За прв пат по почетокот на „Линоманијата", прес конференциите се одржуваат во соблекувалната. Кога Лин експлодираше со 25 поени против Њу Џерси на 4 февруари, заради невидениот интерест од медиумите, прес конференциите по натпреварите почнаа да се одржуваат во големи сали.
Но лудилото заврши. Кошаркарот кој се појави и на насловната на Sports Illustrated се уште е опкружен од новинари, но во значително помал број и тоа само во соблекувалната.
Ослабениот ефект на „Линоманијата" има негативно влијание и на продажбата на влезници. За време на најголемото лудило, продажбата на влезници за натпреварите на Њујорк Никс се зголеми за десет пати, а препродавачите ја зголемија цената за два до три пати. Овој интерес веќе одамна го нема, а дури ТВ гледаноста се намали за двојно во однос на периодот на „Линоманијата".
И покрај серијата од шест порази, шансите на Њујорк за пласман во плејофот се уште постојат, но според критичарите, шансите дека „Линоманијата" ќе се повтори скоро и да не постојат.