Ретко позната приказна за светскиот шампион, селектор на Германија кој се борел со алкохолизам

Еден од најдобрите кошаркарски тренери на денешницата, Гордан Херберт кој во 2023-та година ја направи Германија светски шампион, во меѓувреме е најдобар тренер во Евролига каде со Баерн Минхен бележи фантастични резултати.

Кој и да ја следи Евролига сезонава, не може а да не биде импресиониран од изданијата на Баерн Минхен. Фудбалскиот гигант прави сериозни чекори и во светот на кошарката. Имаат ултра модерна сала, квалитетни играчи, но се чини дека најголем исчекор сезонава направија со тренерот Гордон Херберт.

Овој стручњак имал и повеќе од чуден кошаркарски пат и никогаш не криел дека имал поголеми потешкотии.

Сите знаеме какви успеси правеше на клупата на Германија претходните години. Србија на тие натпревари им беше главен ривал (во финале на Светско и дуел за бронза на Олимписки Игри). Интересно, се било договорено кариерата Херберт да ја продолжи во далечна Јапонија после Олимписките Игри во Париз каде доживеа пораз од Никола Јокиќ и другарите, но наместо тоа заврши на клупата на Баерн Минхен кој неочекувано остана без Пабло Ласо.

„Сè беше помалку неочекувано, вртлог од случувања после Олимписките игри. Бевме разочарани поради двата последни порази на крајот. Имавме високи очекувања кои не ги исполнивме и бевме разочарани. Иако некој да кажеше пред неколку години дека Германија ќе биде четврта на Олимписки игри, сите би биле презадоволни. Сепак сега бевме разочарани...

После тие натпревари многу нешта се случија. Брзо тргнав во Баерн но тоа ми помогна да ја надминам тагата од Олимписките игри. Сега сум дел од еден од најголемите спортски брендови на светот што е голема чест“, вели Гордон Херберт во интервју за Моцарт Спорт.

Херберт до оваа позиција на која е денес морал да помине се и сешто. Родениот Канаѓанец играл кошарка на крајот од минатиот век, а во тренерски води влегол во '90-те години, воглавном работел во Германија и Франција.

Малку кој го споменувал и пишувал тогаш за Херберт, но се се смени кога стана селектор на Германците со кои стана светски шампион во 2023-та.

Тогаш почнале да извираат неверојатни информации од биографијата на овој смирен тренер кој додуше не се плашел ни од конфликти и тоа со сопствени играчи. Уште се памети кога влезе во судир со најдобриот кошаркар на Германија, Денис Шредер од НБА. Сето тоа резултираше со подобра игра на Шредер и со нивна заедничка фотографија во прегратка.

Своите методи на работа ги земал од фудбалски тренери иако вели дека повеќе сака да гледа хокеј на мраз.

„Сакам играчи кои се амбициозни и ентузијастични. Секогаш велам дека повеќе сакам да припитомам лав отколку да научам маче да научи да рика. Не бегам од конфликт и натпреварувачки ситуации. Понекогаш треба да се влезе во конфликт со играч ако сметаш дека на тој начин повеќе ќе се бори“.

Тој има три деца и три пати се разведувал. Сакал да има и три медали со Германија.

Додека го гледате од страна Гордон Херберт, ќе видите смирено лице кое сака риболов. Главно хоби му е ловење лосос во Финска. Се опишувал себеси како човек кој мрази големи градови, гужви во сообраќај. Открил и како своевремено имал проблеми со алкохолизам.

„Она низ што поминував не сакам веќе никогаш да ми се повтори. Траеше околу шест години и не знам како се заплеткав во тоа. Најтешко ми беше на тренинг камп во Чешка. Не можев да издржам, не разбирав ништо и не можев ништо да направам. Не ни зборував. Потоа поминав две недели во психијатриска болница“, напишал Херберт во својата книга за која пофално зборувал дури и легендарниот Дирк Новицки, НБА легенда и европски шампион со Германија.

Херберт дефинитивно е некој кој ја одбележа оваа сезона во Евролига кога тренерите се во прашање. Како некој кој водел помали клубови во кариерата, клубови кои немале големи меѓународни успеси како Вирзбург, Франкфурт, Автодор, дошол до тоа во 66-та година од животот да може да освои награда за најдобар тренер во Евролига во конкуренција на Јоргос Барцокас, Ергин Атаман, Шарунас Јасикевичиус, Јанис Сферопулос, Жељко Обрадовиќ....

28 март 2025 - 14:21