Реал Мадрид го декласираше Баерн Минхен и закажа дуели со Олимпијакос

Кошаркарите на Реал Мадрид откако изгубија од Париз на Ти-Џеј Шортс во првиот меч од доигрувањето за влез во плејофот, ја искористија втората шанса која што ја пружа Евролига и го совладаа Баерн Минхен убедливо 93:71 за пласман во понатамошните борби.

Epa images
Epa images
Photo: Epa Images

Реал Мадрид, најтрофејниот кошаркарски колектив во Европа е последниот учесник во плејофот на Евролига. Ќе игра против грчки Олимпијакос во борба која ќе трае до три победи и која започнува со серија од два меча во Пиреја.

Реал Мадрид синоќа го совлада Баерн Минхен кој имаше одлична сезона но не ја круниса со пласман во разигрување. 

Екипата предводена од Чус Матео од стартот на мечот во нивната „Визинк Арена“ во Мадрид доминираше и во ниту еден момент не му дозволи на Баерн Минхен резултатски да ги загрози. Ова беше пред се поради тоа што Баварците играа без еден од најдобрите кошаркари сезонава во Евролига, Карсен Едвардс кој поради повреда остана надвор од екипата.

Марио Хезоња со 19 поени и 7 скока и една асистенција и Џанан Муса со 16 поени и 5 скока беа најефиксани кај победникот. Одлична вечер во Мадрид имаа уште и Алберто Абалде со 13 поени и три асистенции, Аргентинецот Факундо Кампацо додаде 12 поени, со четири скока и пет асистенции а Валтер Таварес имаше 10 поени со три скока.

Во редовите на Баерн Минхен Шабаз Нејбир со 19 поени, четири скока и три асистенции беше најефикасен а Андреас Обст го следеше со 12 поени и три скока. Девин Букер имаше 10 поени и три скока а Владимир Лучиќ 7 поени со два скока.

Сега Реал оди на Олимпијакос а првиот дуел ќе биде во салата во Пиреја на 23 април од 20.30 часот кога грчкиот состав ќе се обиде да ја оправда фаворитската улога.

Парови во осминафинале на Евролига:

ОЛИМПИЈАКОС - РЕАЛ МАДРИД
МОНАКО - БАРСЕЛОНА
ПАНАТИНАИКОС - АНАДОЛУ ЕФЕС
ФЕНЕРБАХЧЕ - ПАРИЗ

19 април 2025 - 07:48