Во 30-те години од минатиот век, кошарката не била популарна на Балканот и не била присутна во мера во која што бил присутен и популарен фудбалот.
Во земјава постоеле голем број спортски друштва, но младите талентирани спортисти најчесто се решавале за атлетски или гимнастички дисциплини. Во едно време во Штип се вратил Трајко Кошевалиски, кој од Словенија меѓу куферите, понел и кошаркарско знаење и кошаркарска топка.
Кошевалиски го испратиле стручно да се усовршува во Марибор каде во 1932 година бил присутен на првата презентација на кошаркарскиот спорт кој го демонстрирале играчи од Америка и Австрија. За време на неговото прво отсуство од Словенија, тој најпрвин почнал да ги тренира локалните Соколи како што во тоа време се нарекувале сите спортски друштва во Македонија.
Конечно, на 27 август 1933. година на негова голема радост бил одигран и првиот кошаркарски меч во Македонија. Во дворот на реномираното штипско училиште „Ванчо Прке“ направиле импровизирано игралиште, поставиле кошеви со табли а мрежичките за обрачите ги плетел Петре Топликлиев.
Кошевалиски бил судија на мечот на кои играле две екипи, црвена и црна. Меѓу играчите биле другарите на Трајко Кошевалиски: Славко Кикиритков, Лазо Каламатиев, Петре Кавраков, Киро Савев, Методи Балванлиев, Илија Гочев, Киро Шапков, Никола Гакев, Петар Пере Самарџиски и Горги Спасиков.
Во Штип постои Иницијативен одбор за развој на спортот и тие секоја година го одбележуваат овој голем, историски настан. Годинава го претставиле и идејното решение за споменик со кој ќе се одбележи првиот кошаркарски натпревар во Македонија.
„Денеска ја одбележавме годишнината од првиот кошаркарски натпревар одигран на територијата на Македонија и го претставивме идејното решение за споменик со кој ќе се симболизира овој меч, но и ќе остане како паметник за првиот тренер и судија Трајко Кошевалиски и сите останати учесници. Споменикот е замислен да се постави во ОУ „Ванчо Прке“, каде пред 83 години се одиграла првата кошаркарска средба“, изјави на прославата на годишнината Тодор Рибарски, претседател на иницијативниот одбор и поранешен кошаркарски тренер и судија.
Штип има голема и долга кошаркарска традиција, но тоа за жал во моментов ништо не значи, затоа што веќе неколку години овој град нема кошаркарски клуб.
„Штип има најдолга кошаркарска традиција во Македонија. Постои и податок дека по Втората светска војна, првата селекција на македонски кошаркари која играла на меѓурепублички натпревар била составена од играчи родени во Штип. За жал традицијата денес не значи ништо, бидејќи ние повеќе немаме никаков кошаркарски клуб во градот“, заклучува Рибарски.