Душко Вујошевиќ е творец на модерниот КК Партизан кој во неговата долга ера, за четири мандати на клупата на црно-белите го водеше до бројни трофеи, титули, признанија.
Роден во Подгорица Вујошевиќ остави неизбришлава трага за целата српска и југословенска кошарка. Тој беше посебен по неверојатната способност од млади таленти да направи врвни кошаркари со специфични методи на работа и воспитание.
Тој е еден од ретките кои ги водеше вечните ривали КК Партизан и КК Црвена звезда. Во клупската кариера седеше и на клупите на ОКК Белград, Младост Земун, Лимож, Пезаро, ЦСКА Москва, Бреша, Раднички Нов Белград, Клуж и репрезентацијата на Србија и Црна Гора.
Ќе остане запаметен по остроумноста и остриот јазик.
КК Партизан се збогуваше со Душко Вујошевиќ а овој клуб ќе организира и комеморација во чест на нивниот сакан тренер кој ги одведе на фамозниот Фајнал Фор 2010 во Париз и беше најзаслужен за неверојатната шампионска серија со 13 титули по ред во домашното првенство.
Вујошевиќ во март годинава бил примен во болница откако му се влошила здравствената состојба. Тој имаше трансплатација на бубрег во 2025-та година во Белорусија, имаше проблеми со бубрезите, но и срцеви и белодробни потешкотии.
🕯️ Duško Vujošević
— Arena Sport TV (@arenasport_tv) April 8, 2026
1959 - 2026 pic.twitter.com/OKL4nCIofX
ГОЛЕМА КОШАРКАРСКА ЛЕГЕНДА
Вујошевиќ својата тренерска кариера ја започна во далечната 1976-та година во младинските категории на Партизан. Прва самостојна работа му била во клубот ОКК Белград каде ја водел јуниорската екипа со која набрзо станал шампион на Југославија. После само една сезона преминал во првиот тим на Младост Земин а од 1985-та до 1987-ма стана помошен тренер на Партизан.
Од 1987-ма до 1989-та беше главен тренер на црно-белите со кои ги освои Купот „Радивој Кораќ“ и Купот на Југославија. Тој практично го оформи тимот на Партизан кој во 1991-ва под водство на Жељко Обрадовиќ стана европски шампион.
Кратко ја водеше шпанска Гранада пред да се врати во Партизан. Седна и на клупата на Црвена звезда која подоцна му стана најомразен ривал во домашното и регионалното натпреварување.
Кошаркарскиот пат го однесе во Италија каде цели шест години работеше како тренер на Бреша, Олимпија Пистоја и Пезаро. Кога се врати во Србија ги водеше Раднички од Нов Белград и Партизан кој со него доживеа неверојатни успеси од 2001-ва до 2010-та. Се одлучи за нова селидба во ЦСКА Москва а во 2012-та се врати во Партизан каде остана до 2015-та.
Во својата кариера 5 пати ја освои јадранската АБА лига, освои 2 шампионски титули во Југославија, три првенства на Србија и Црна Гора, шест титули во Србија како самостојна земја, два Купа на Југославија и два Купа „Радивој Кораќ“.
Во Романија освои двојна круна, титула и Куп со Клуж. Во Евролига го одведе Партизан до трето место во сезоната 1987/1988 и на Фајнал Фор 2010-та кога завршија како четврти. Прогласен беше за најдобар тренер на Евролига во сезоната 2008/2009 и ја доби наградата „Александар Гомељески“.