Њујорк Никс го разби Бостон како никој и оди во финале после 25 години

Екипата од Њујорк во својата култна сала „Медисон Сквер Гарден“ го растури шампионот Бостон Селтикс на парчиња 119:81 во шестиот натпревар и со вкупни 4:2 оди во финале на Истокот каде веќе ги чека Индијана Пејсерс.

Бостон Селтикс влезе во серијата со Никс во расчекор а како капак на падот на формата дојде и тешката повреда на нивниот лидер Џејсон Тејтум. После ова и покрај тоа што намалија на 3:2, малку кој веруваше дека можат да голем пресврт.

Њујорк слави прво конференциско финале уште од сезоната 1999/2000 кога последен пат играа за круна на Истокот. Потоа уште три пати стигнуваа до полуфинале на Источната конференција, во 2013, во 2023 и во 2024 но секогаш беа кратки. Меѓу овие полуфиналиња е и серијата од 7 меча против Индијана Пејсерс минатата сезона. Тим против кој ќе се судрат и сега само во финалето на Истокот.

Предводен од сјајните навивачи кои веќе неколку недели најавуваат јуриш на шампионска титула, Њујорк Никс издоминира како ретко кога сезонава. Карл Ентони Таунс запиша дабл-дабл учинок со 21 поен и 12 скока, Џајлен Брансон постигна 23 поени со по 6 скока и 6 асистенции а Ануноби имаше исто 23 поени и фати 9 скока. Голем удел во триумфот имаше и Микал Бриџис со 22 поени а двоцифрени со по 10 скока беа и Харт и МекБрајд.

Никс ја добија секоја четвртина но во втората имаа предност 38:17 и отидоа набрзо на недостижни 64:37 и тука беше крај. Во вториот дел Њујорк само рутински ја заврши работата.

Кај Селтикс Џејлен Браун стигна до 20 поени, со шест скока и шест асистенции а слабата вечер се одразува и низ бледиот настап на сите други кошаркари. Двоцифрени беа само Причард со 11 и Хорфорд со 10 поени.

Сега Њујорк Никс го чека големо финале на Истокот против Индијана Пејсерс, а првиот меч се игра ноќта меѓу вторник и среда. Првите две средби се играат во Њујорк, па серијата се сели во Индијана. Евентуална решавачка мајсторка ќе се игра во „Медисон Сквер Гарден“.

17 мај 2025 - 07:57