Кој е Алан Ибрахимагиќ, селекторот кој од сенка ја направи Германија европски шампион

Светскиот шампион Германија синоќа ја обедини и европската титула откако во големото финале ја совлада Турција во крајно драматична завршница. Интересно Германците од клупата не ги водеше Шпанецот Алекс Мумбру кој поради операција го следеше турнирот зад клупата, туку неговиот прв помошник Алан Ибрахимагиќ кој е роден во Белград.

Алан Ибрахимагиќ стана јунак од сенка на новиот европски шампион Германија која втор пат во историјата стигна до континенталното злато.

Овој 47-годишен стратег делуваше крајно скромно, понизно и повлечено а на крајот ја крена највредната титула во европската кошарка.

„Поради несреќни околности морав да го преземам овој тим. Алекс Мумбру е главен тренер (селектор) и тој го води тимот, но за мене е голема чест што сум дел од оваа група“, повторно скромно изјави Ибрахимагиќ после освоеното Европско.

Но го прекина Денис Шрудер, НБА ѕвездата кој беше МВП и на Светското првенство пред 2 години и сега на Европското.

„Не, не не! Заеби ти тоа! Секоја чест на Алан... Тоа што тој го направи не е нималку лесно. Алекс е селектор, но она што Алан го направи тренирајќи не е неверојатно. Имаме 9:0 на турнирот и тоа е сјаен тренерски стручен штаб, но на Алан секоја чест“, рече Шрудер додека го држеше син му во рака.

КОЈ Е АЛЕН ИБРАХИМАГИЌ?

Ален Ибрахимагиќ е роден 1978-ма во Белград каде мајка му студирала медицина. После само неколку дена се враќа со семејството во Зворник, во Босна и Херцеговина. Тој растел во БиХ а на почетокот на '90-те и воениот виор заминува за Берлин и таму завршува средно школо. Потоа со родителите се сели во Австралија каде живеат неколку години.

„Почнав да се занимавам со кошарка кон крајот на '80-те години. Загрепска Цибона тогаш беше најсилна, а Дражен Петровиќ најдобар играч. Затоа и навивав за Цибона, а Дражен ми беше идол“, вели Алан.

Тој растел на југословенската школа на кошарка и следел големи тренерски имиња и играчи кои секојдневно ги гледал.

„И натаму ја симпатизирам и ја следам кошарката на поранешна Југославија, сигурно дека во мене има доста од неа, иако не би знаел конкретно да кажам што е тоа 'нешто'“, вели Ибрахимагиќ.

Тој на 14 години во Германија учел јазик и се вклопувал во друштвото па набрзо почнал и да тренира кошарка. Играл за локалниот нисколигаш Хермсдорф каде настапувал за младински категории а во 1996-та се преселил во ТуС Линхтефрелде кој играл во втората германска лига и била екипа-филијала на Алба Берлин.

„Одиграв тука една година, ја завршив средната економска школа и со родителите се преселив во Австралија каде неколку години студирав економија а кошарката потполно ја занемарив“, се сеќава Алан.

Во Германија се вратил во 2000-та.

Непознат на светската кошаркарска јавност, тој почнал рано да гради прво играчка, па тренерска кариера во Германија. Играл за филијалата на Алба кога тренер на овој тим од Берлин бил Светислав Пешиќ.

Занаетот Алан Ибрахимагиќ подоцна го учел на клупата на германскиот нисколигаш Хермсдорф а од 2007-ма добил шанса да седне на клупата на разни возрасни категории во германската репрезентација како селектор. Воглавно работел во берлински помалку познати клубови а едно време ги тренирал и кадетите на Алба.

Во сениорскиот состав дошол уште во 2016-та година кога селектор бил Хенрик Редл, а како помошен тренер работел и кога селектор беше Гордон Херберт.

НАЈГОЛЕМ УСПЕХ ИМАЛ СО АЛБА

Со тренерска професија почнал да се занимава во „неговиот“ Берлин во 2003-та година кога немал намера да стане тренер но тогашниот тренер на прв тим на Хермсдорф го прашал дали сака да работи со децата од младинските категории. Прифатил.

„Си помислив: 'Интересно звучи, ќе пробам'.

„После две или три години станавме најдобра екипа во Берлин, пред младинците на Алба“, се сеќава Алан.

Недолго потоа тој ги презел сениорите на Хермсдорф а со квалитетот добил покана да работи со младинците на Алба Берлин.

„Тоа беше голема шанса и ја прифатив. Прво работев со децата до 16 години, па после за вториот сениорски тим и на крајот како помошник тренер во прв тим“, раскажува новиот јунак на германската кошарка.

Во Алба му бил помошник на Канаѓанецот со финско потекло Гордон Херберт кој во 2023-та година на Германија и ја донесе првата светска шампионска титула во Манила (Филипини).

Од 2013-та Ибрахимагиќ е вработен во германската кошаркарска федерација. Работел како селектор или помошен тренер во селекциите до 16, 18, 19 и 20 години. Тој освоил две бронзени медали со У-20 во 2018 и 2019 на европски првенства. Со У-18 освоил Европско првенство 2024 а во јули годинава освоил сребро на Светско првенство за играчи до 18 години како селектор.

Алан раскажува и дека разликата во интересот за кошарка во Германија кога тој дошол таму и почнал да игра и сега е „небо и земја“.

„Во претходните пар години има голем интерес за кошарката што е нормално кога резултатите се добри. Се зголеми и бројот на играчи, се подобрија условите, се воведоа правила за бројката на домашни играчи во германската лига, сите тимови мора да имаат сега подмладок, тренерите мора да бидат професионални и да имаат пристојни примања од кошарката“, вели Ибрахимагиќ.

Тој вели и дека Алба Берлин имала систематски пристап до сите млади талентирани кошаркари и тренери и дека тоа многу значело за развојот. Тој од младинските категории им бил селектор на Тристан и Оскар Да Силва, на Андреас Обст, на Франц Вагнер, на Исак Бонга, Јустус Холац и на други кои сега станаа светски и европски шампиони со него покрај теренот.

15 септември 2025 - 13:18