Највисоките играчи кои играле во НБА

Со висина од фасцинантни 222 сантиметри, младиот Французин Виктор Вембанјама кој како прв пик на драфтот летово беше избран од Сан Антонио Спарс влегува во редот на највисоките кошаркари на светот. Да се потсетиме кои се?

Од сезоната 2019/2020 НБА лигата ги смени правилата за одредување на висина кај кошаркарите. Претходно ги мереле со патики, а сега без нив. Така на пример Русинот Павел Подколзин кој се појавил на НБА драфтот 2004, бил избран од Јута Џез па подоцна потпишал со Далас Маверикс, во патики бил измерен 226 сантиметри а без нив неговиот реален раст бил 223 антиметри.

Виктор Вембанјама со патики е измерен 226 сантиметри а без нив 222 сантиметри што и натаму е чудесна висина.

Сите гиганти во НБА низ историјата привлекуваа посебно внимание, иако ниту во дамнешни времиња растот не бил гарантир за успех во лигата, а наскоро подразбирал комични компоненти во кариерата на играчот. Дури и во области од играта кои се створени за горостасите гиганти, тие не доминираа, па така и играч повисок од 218 сантиметри често не бил лидер по бројот на скокови.

КОИ СЕ НАЈВИСОКИ ИГРАЧИ КОИ ИГРАЛЕ ВО НБА?

ПРИСТ ЛОДЕРДЕЈЛ

Висина: 224 см
Тежина: 147 кг
Државјанство: САД, Бугарија
Клубови: Атланта (1996/1997), Денвер (1997/198)
Статистика: 3,4 поени во просек, 1,9 скока, 0,4 асистенции, 0,4 блокади

Овој кошаркар не е многу познат и не се споменува често. Лодердејл и самиот признал дека сака само што побрзо да заборави на се поврзано со НБА. Тој пред да ја изнесе својата кандидатура на драфтот во 1996-та, поиграл малку и во Грција каде бил многу обожуван од навивачите.

Атланта била најупорна и го земала високиот центар кој го добил дресот со број 28. Во својата дебитантска сезона во НБА одиграл само пет минути. После тоа го трампале во Денвер каде одиграл 39 натпревари и ја завршил кариерата. Продолжил во Европа и интересно Бугарија му станала втора земја. Во составот на Лукоил Академик одиграл неколку успешни сезони па после почнал право патешествие низ светот: Венецуела, Кипар, Саудиска Арабија, Кина, Иран, ОАЕ, Либан.

Лодердејл ја завршил кариерата во 2016-та. Последна екипа му била Оксфорд Сити од англиската трета лига.

БОБАН МАРЈАНОВИЌ

Висина: 224 (226) см
Тежина: 132 кг
Државјанство: Србија
Клубови: Сан Антонио (2015/2016), Детроит (2016/2018), ЛА Клиперс (2018/2019), Филаделфија (2019), Далас (2019/2022), Хјустон (2022)
Натпревари во НБА: 317

Србинот во НБА дојде на 27 години. Претходно играше во Раднички, Мега, Нижни Новгород, Црвена звезда, ЦСКА Москва.

Во составот на белградските црвено-бели освои неколку трофеи, доби МВП награда за најдобар играч а беше биран и во најдобрата петорка на Евролига. Тоа го забележал Сан Антонио каде Бобан ја продолжи кариерата. Тренерите констатирале дека тој може да пружи максимум 10-15 минути на паркетот но во тие 10-15 минути би бил најефективен кошаркар на планетата.

Марјановиќ и навистина никаде не играше повеќе од 1015-20 минути а притоа имаше огромна плата каде и да настапуваше. Тој важи за одличен забавувач во соблекувалната и човек кој ја подобрува атмосферата во екипата. Затоа и привлекувал внимание на себе.

САД е идеална земја за шоу и забава па на Бобан му легнал комплетниот амбиент. Цртаа постери и карикатури со него, играше солидна улога во игран филм со Киану Ривс и Адам Сандлер, камерите беа постојани свртени кон него на теренот.

РАЛФ СИМПСОН

Висина: 224 см
Државјанство: САД
Клубови: Хјустон (1983/1987), Голден Стејт (1987/1989), Сакраменто (1989/1991), Вашингтон (1991/1992)
Натпревари во НБА: 456
Статистика: 15,4 поени во просек, 8,8 скока, 2,3 асистенции, 1,6 блокади

Ралф Симпсон стекнал фама во студентската лига. Во составот на Вирџинија три пати освоил награда за играч на годината „Џејмс Нејмсит“. Веќе се појавиле наслови „Наследникот на Бил Расел“, „Вториот Чемберлен“.

Хјустон Рокетс го одбрал како прв пик на драфтот во 1983-та година и веднаш му дал шанса. Симпсон во првата сезона бил избран за најдобар млад играч, давал по 20 поени во просек по натпревар, бил поканет на Ол Стар мечот.

Но екипата не го следела па не можел сам. Хјустон Рокетс забележал еден куп порази и одново стекнал право на прв пик во 1984-та. Тогаш го бира кошаркарот кој ќе стане култна легенда - Хаким Олајџувон.

Веднаш се поставило прашање: ќе можат ли два гиганти оддеднаш во ист тима на теренот? Ралф Симпсон тогаш бил префрлен на „петка“ како класичен центар а Хаким бил на „четворка“.

„Ова е најголемата предна линија во историјата на човештвтото. Никогаш во ниту една екипа веќе нема да видиме такво нешто“, рекол тренерот на Далас Маверикс Дик мОТА.

Веќе следната сезона Хјустон Рокетс стигнал до финале а на пат до таму го урнал силниот Лејкерс. Сепак Бостон Селтикс бил подобар во шест меча во битка за титулата. Кеј Си Џонс за овој тим рекол дека е екипа на „ѕверски блокери“.

Ралф веќе во позни години почнал почесто да се повредува и изгубил драгоцено време. Во Хјустон сфатиле дека е крај па го пратиле во Голден Стејт каде одиграл уште четири сезони. После се обидел во Сакраменто и Вашингтон но кариерата му била готова.

РИК СМИТС

Висина: 224 см
Тежина: 113 кг
Државјанство: Холандија
Клуб: Индијана (1988-2000)
Натпревари во НБА: 867
Статистика: 14,8 поени во просек, 6,1 скок, 1,4 асистенции, 1,3 блокади

Целата своја кариера гигантот ја одигра во Индијана каде беше најпопуларен играч после Реџи Милер. Смитс бил избран на драфтот 1988 како втор пик. Првата сезона ја почнал на клупа. Во тоа време Стиви Стевановиќ ја покривал позицијата центар но поради незгоди со коленото која го довела до крај на кариера, па Смитс доби шанса. И ја искористи.

Набрзо стана еден од лидерите на Пејсерси. И покрај својот огромен раст, тој не беше типичен центар. Имаше висок процент на погодени слободни фрлања. Играше и на Ол-Стар викенд и беше избран во симболична екипа на годината. По епското финале со ЛА Лејкерс во 2000-та Смитс ја заврши кариерата. Според негови зборови, тој не сакал да продолжи со болките во нозете. „Подобро ќе бидам колекционер на моторцикли“, изјавил во една прилика.

МАРК ИТОН

Висина: 224 см
Државјанство: САД
Клуб: Јута (1982/1993)
Натпревари во НБА: 875
Статистика: 6 поени во просек, 7,9 скока, 1 асистенција, 3,5 блокади

Интересно, Итон во НБА дошол по чиста случајност. Во неговото средно училиште привлекол внимание како ватерполист, а после се решил да продолжи како автомеханичар. Четири години работел во механичарска работилница се додека еднаш не го сретнал Том Лумбин, асистент во колеџот Сајпрес.

Овој тренер случајно отишол да го поправа својот автомобил кај Марк Итон. Кога го видел големиот распон на раце и висината на Итон, успеал да го наговори да проба да заигра баскет. Му гарантирал успех и многу големо богатство ако демонстрира талент на терен.

Итон прифатил и дошол на прбоа во тимот Сајпрес. Подоцна се запишал на универзитетот UCLA. Иако две години бил на клупа за резерви во кошаркарскиот тим, решил да се пријави на драфт. Како 72 пик го избрала Јута Џез.

Тогашниот тренер на „џезерите“ Френк Лајден доволно едноставно го објаснил својот избор: „Не можете да научите да бидете високи“. Итон набрзо станал стартер во Јута и поставил рекорд со 275 блокади во една сезона. Следната сезона го урнал својот рекорд со дури 351 банана.

Играл и во плејофот а во третата сезона направил шоу со дури 456 блокади што бил најдобар показател во историјата на лигата. Во 1985-та бил избран за најдобар одбранбен играч во лигата. Но напорните натпревари му предизвикале болки во колената после што ја завршил богатата кариера.

ВИКТОР ВЕМБАНЈАМА

Висина: 222 (226) сантиметри
Тежина: 95 кг
Клуб: Сан Антонио Спарс (од 2023)

Целиот кошаркарски свет чека да види дали Виктор Вембанјама ќе ги оправда очекувањата и ќе стане новиот Ралф Семпсон. Благодарение на современите методи тој одлично напредувал и се очекува да ги победи сите проблеми со кои се соочувале сите негови високи претходници во НБА. 

СИМ БХУЛАР

Висина: 226 см
Тежина: 163 кг
Државјанство: Канада
Клуб: Сакраменто (2014/2015)
Натпревари: 3
Статистика: 0,7 поени, 0,3 скока

Бхулар пораснал во Канада а во детството се преселил во САД. Учел во школи во Пенсилванија и Западна Вирџинија. Одел на универзитетот Њу Мексико Стејт каде играл одлична кошарка и бил избран за МВП на турнир во својата конференција кога му помогнал на тимот да влезе во плејофот.

Во НБА влегол благодарение на сопственикот на Сакраменто Кингс, Индиецот Вивек Ранадива кој сакал конечно во лигата да има и прв индиец. Бхулар одиграл неколку историски минути, постигнал по некој поен и историски скок.

Подоцна пробувал преку развојната Џ-лига да добие договор со некој клуб но не успеал. Заминал во првенството на Тајван каде играл повеќе од 10 години. Минатата сезона се судрил таму на терен со ветеранот Двајт Хауард.

ПАВЕЛ ПОДКОЛЗИН

Висина: 223 (226) см
Тежина: 138 кг
Клуб: Далас (2004-2006)
Натпревари: 6
Статистика: 0,7 поени, 1,5 скока, 0,2 блокади

Рускиот центар е далеку понепознат од неговите сонародници кои играа во НБА. Во првата сезона поради операција пропуштил голем дел од натпреварите и качил 15 килограми.

Не играл многу ниту во втората сезона. Дел од парите заработени во Маверикс подоцна морал да ги даде за компензација за раскин на договор со италијански Варезе на негова сметка.

Се вратил во татковината, во далечниот Сибир и играл во неколку суперлигашки клубови. Станал шампион на Русија и покажал зошто имал НБА искуство, какво-такво.

Како и многу негови гигантски колеги, така и тој се појавил во филм: во 2022-та играл улога во серијата „1703“.

ЧАК НЕВИТ

Висина: 226 см
Тежина: 113 кг
Државјанство: САД
Клубови: Хјустон (1982-1983), ЛА Лејкерс (1984-1985), Детроит (1985-1988), Чикаго (1991), Сан Антонио (1991)
Натпревари во НБА: 155
Статистика: 1,6 поени, 1,5 скока, 0,7 блокади

„Вие морате да го земете секој скок и да ги блокарите сите шутеви. Тоа се очекува од сите горостаси! Секоја топка, да излезете од зоната за три секунди тоа е на ваша совест. Вие сте највисок човек на терен и мора да се соочите со тоа“, рекол Чак Невит.

Тој сменил 5 клуба во НБА, дури и освоил шампионски прстен со ЛА Лејкерс. Но ако му се пресметаат минутите на паркет, тогаш се добива бројка од 18 полни натпревари. Ниеднаш во кариера не надминал повеќе од 43 меча. Добивал малку минутажа и не сакале да експериментираат со него. Бил забава за публиката.

ЈАО МИНГ

Висина: 229 см
Тежина: 141 кг
Клуб: Хјустон (2002-2011)
Натпревари во НБА: 486

Статистика: 19 поени, 9,2 скока, 1,6 асистенции, 1,9 блокади

Јао Минг во еден момент беше неофицијално најдобриот центар во лигата. Со исправка: кога беше здрав. Тој е најдобриот играч на оваа листа.

Кинескиот феномен во првите три сезони од својата НБА кариера одигра 244 натпревари од вкупно 246. Специјалниот третман за него му давале шанса секоја вечер да истрчува на паркетот со одморени колена.

Јао Минг дури 8 пати учествуваше на Ол-Стар мечот, влезе во Куќата на славните а Хјустон Рокетс го повлече од употреба дресот со бројот 8 во негова чест.

ШОН БРЕДЛИ

Висина: 229 см
Тежина: 125 кг
Државјанства: САД, Германија
Клубови: Филаделфија (1993-1995), Њу Џерси (1995-1997), Далас (1997-2005)
Натпревари во НБА: 832
Статистика: 8,1 поени, 6,3 скока, 0,7 асистенции, 2,5 блокади

Великанот Шон Бредли стана дел од американскиот фолклор. Тој беше избран на многу висока позиција, како втор пик на драфтот во 1993-та година. Имаше висина но не и тежина како на пример Марк Итон. Во зоната на три секунди му ја користеа бавноста и преку него изнудуваа прекршоци. Во 1997-ма година Шон дојде во Далас Маверикс каде бил направен систем за него во кој станал ефикасен.

Бредли како и сите негови горостасни колеги имал проблеми со колената и болки во грбот поради преголемиот напор и секоја сезона поминувал се помалку време на терен. Но тој има најдолга НБА кариера од сите негови колеги гиганти. „Шон не беше просто висок човек кој игра баскет. Тој беше кошаркар со многу висок раст“, за него рекол Бил Волтон.

Шон Бредли по крајот на кариерата доживеал несреќа кога го удрило возило додека возел велосипед и од тогаш е парализиран.

СЛАВКО ВРАНЕШ

Висина: 229 см
Тежина: 137 кг
Државјанство: Црна Гора, Србија
Клубови: Портланд (2004)
Натпревари во НБА: 1

Њујорк Никс го избраа гигантот Славко Вранеш како 39 пик во втората рунда на драфтот но за тимот од Њујорк не одигра ниту еден официјален натпревар. Единствен натпревар во НБА му беше во дресот на Портланд кој му предложил 10-дневен договор и тогаш за 3 минути направил само 1 фаул без постигнат поен.

Вранеш беше исклучително бавен играч дури и по мерките на највисоките гиганти во НБА. Единствено блескаше во белградски Партизан каде под водство на легендарниот Душко Вујошевиќ стигна дури до Фајнал Фор на Евролига и освои многу трофеи. Во Русија Вранеш играше за УНИКС Казан, а потоа и во Иран и други клубови во Србија.

ТАКО ФОЛ

Висина: 229 (231) см
Тежина: 141 кг
Држајванство: Сенегал
Клубови: Бостон (2019-2021), Кливленд (2021-2022)
Натпревари во НБА: 37
Статистика: 2,2 поени, 2,4 скока, 0,8 блокади

Тако Фол е со сигурност „најголемото суштество“ кое се појавило во НБА. Со рекордни 231 см измерени со патики и со распон на раце најголем во историјата на лигата - 254 сантиметри тој е прав габарит.

Фол бил забележан на 15 години кога играл на улиците на Дакар. На 16 години го однеле на проба во Америка каде му се посреќи да тренира со Хаким Олајџувон. Од тој момент Тако Фол беше под непрестано внимание. Го следеле уште во школо, дури 40 универзитети му нуделе стипендија. Го избрал УЦФ и играл универзитетска кошарка.

Потоа се појавил и во Џ-развојната лига каде бил избран во најдобриот дефанзивен тим и бил лидер по блокади.

Но НБА е нешто друго. Тако Фол беше избран од Бостон Селтикс чии навивачи едвај чекаа да го видат гигантот. Од трибини му скандираа МВП секогаш кога ќе влезеше во игра. Но прогнозите за него не се овистинија. Тако Фол имаше очаен шут од слободни фрлања (33%) и слаба техника под обрачите.

Неговата улога во НБА ќе се памети по тоа што еднаш удри со глава во конструкцијата и добил потрес и по епизодата кога го фати за врат Брендон Гудвин од Нагетс на Летната лига... Од минатата година ги забавува кинеските навивачи.

ГЕОРГЕ МУРЕШАН

Висина: 231 см
Тежина: 143 кг
Државјанство: Романија
Клубови: Вашингтон (1993-1997), Њу Џерси (1998-2000)
Натпревари во НБА: 307
Статистика: 9,8 поени, 6,4 скока, 0,5 асистенции, 1,5 блокади

Романецот долги години беше синоним за страшна, необјаснива висина. Децата по сите кошаркарски терени ширум светот го извикуваа неговото име во обид „да забијат“.

Необично, родителите на Мурешан биле обични луѓе, односно имале вообичаена секојдневна висина. Тој имал нарушена функција на хипофизата и тоа било причина за страшниот раст. Од млад бил предодреден за кошарка.

Во родниот Клуж не се задржал долго. Ловците на таленти од француски По Ортез го превезле гигантот во Франција а тој во 1993-та се појави на драфтот каде беше избран од Вашингтон.

Но повредите поради напорните натпревари со таа висина му почнале уште во прва сезона. Пропуштил 20 натпревари поради различни повреди. Тој беше мек во дуелите и избегнуваше контакти. Но имаше одличен процент на шут за два.

Во 1995-та кога неволјите го одминале, тој постигнувал во просек по 14 поени, 9,6 скока и 2,6 блокади по натпревар. Сите биле воодушевени од развојот на феноменот од Романија.

Следната сезона не му била толку успешна како претходната па Булетс го трампаа во Нетс каде за две години одигра 32 натпревари. Огромното тело му правело огромен притисок врз колената па тој и при најмал трк чувстувал болки. Не можел да продолжи така и на 29 години објави крај на кариерата.

Подоцна снимаше реклами за патики, се појави во музички спотови и филмови а по сопствено признание, најголем успех во животот му е што стигнал до НБА.

МАНУТ БОЛ

Висина: 231 см
Тежина: 102 кг
Државјанство: Судан
Клубови: Вашингтон (1985-1988, 1994), Голден Стејт (1988-1990), Филаделфија (1990-1993, 1994), Мајами (1994)
Натпревари во НБА: 624
Статистика: 2,6 поени во просек, 4,2 скока, 0,3 асистенции, 3,3 блокади

За разлика од Мурешан кој имал проблеми со хипофизата, страшно високиот Манут Бол по природа бил така висок.

Ману бил специјалист за блокади. Тој е лидер во НБА со најмногу блокади без скок, а неретко имал повеќе „банани“ отколку скокави на натпреварите.

Бол за помалку од 19 минути на паркетот во просек имал по 3,3 блокади. На крајот од кариерата тој почнал да шутира и тројки па во една сезона постигнал дури 20 тројки што било право шоу на НБА паркетите.

Циркузот во САД не би бил таков каков што е ако не го надополнат со нешто, па така Вашингтон Булетс во еден момент решил да ги разгори страстите кај навивачите со потпис на најнискиот кошаркар во историјата на НБА Магзи Бокс и највисокиот Манут Бол. Нивната фотосесија станала култна.

Како и кај многу други играчи, така и кај него по извесно време стигнала сметка од напорните натпревари со таа висина, па последните две години бил ментор на помладите центри Шон Бредли и Георге Мурешан.

По крајот на кариерата тој се повлекол од кошарката. Починал на 47 години. Во НБА сега е неговиот наследник, син му Бол Бол.

4 јули 2023 - 10:26