Најказнуваниот играч во НБА кој доби 236 технички и плати милиони долари за тоа

Крилниот центар и 4-кратен НБА шампион со Голден Стејт Вориорс Драјмонд Грин е познат како најгрубиот, најнезгодниот кошаркар во лигата но кој во исто време, според зборовите на Стив Кер е меѓу најзаслужните за титулите.

Триесет и пет годишниот Драјмонд Грин за неполни 14 сезони во НБА, сите 14 во дресот на неговиот сакан Голден Стејт Вориорс повторно беше драстично казнет - овојпат парично. Поради два неспортски и груби фаули на дуелот со Феникс Санс минатиот викенд, НБА лигата го казни Грин со 3.000 и 2.000 долари. Мораше на сето тоа да плати уште 2.000 долари поради тоа што е пратен во соблекувална. 8.000 долари во една вечер за казни.

На тој натпревар со Феникс, Грин се скара и со тренерот Стив Кер во трета четвртина, кога реши да стане, да замине од клупата и да отиде во соблекувална. „Морав да оладам глава“, рекол Грин после мечот свесен дека во таква тензична атмосфера би можел да направи поголема беља.

Но тренерот Стив Кер го брани.

„Таму (висат) четири знамиња и многумина одиграа важни улоги во нив (во освоените титули). Но како што реков и порано, и во тоа верувам, мислам дека не би имале и една без него“, рекол Кер на шампионските одличја на Вориорс во 2015, 2017, 2018 и 2022.

198 сантиметри високиот Грин во својата кариера добил неверојатни 236 казни! Повеќето од нив поради неспортски фаули, технички грешки и останати прекршоци на НБА паркетите. Досега платил околу 1.007.000 милиони долари! Така вели реномираниот сајт sportac.com.

Но во оваа сума не се пресметани шест суспензии кои морал да ги одработи поради кои губел дневници, бонуси и премии. Грин беше казнуван поради агресивен однос, најмногу по тешкиот нокаут над Јусуф Нуркиќ од БиХ кога заработи суспензија од 12 натпревари.

Со сумите и за други казни неговата вкупна платена сметка за суспензии е 3.223.073 долари! Но тоа не е „ништо“ во однос на заработката од околу 223 милиони долари во НБА кариерата.

25 декември 2025 - 15:31