Монако и Фенербахче се во финале, очајна вечер за грчките великани

На Фајнал Форот во Евролига кој првпат се игра во Абу Даби, кошаркарите на Фенербахче го урнаа европскиот првак Панатинаикос 82:76, а Монако со легендарниот Василис Спанулис од клупата му одржа лекција на Олимпијакос 78:68.

На Фајнал Форот во Абу Даби сјајни партии пружија Фенербахче и Монако. Тимот од француското кнежевството за првпат во својата клупска историја ќе игра во финале на Евролига, а Фенербахче ќе се бори за нова шампионска титула по онаа освоена со Жељко Обрадовиќ и Перо Антиќ пред неколку сезони.

ФЕНЕРБАХЧЕ - ПАНАТИНАИКОС 82:76

Јунаци на триумфот на Фенербахче беа ветераните: 34-годишниот Николо Мели и 37-годишниот Ерик Мекалум кои ги постигнаа најважните поени во финишот и беа клучни играчи во вториот дел од натпреварот.

Девон Хол постигна најмногу поени за него сезонава, 18 и со 7/10 од игра беше херој на гигантот од Истанбул. Тој постигна и решавачка тројка со која се скрши резултатот кога Панатинаикос јуришаше по пресврт. На 96 секунди пред крајот Мекалум погоди за 73:66 и натпреварот беше решен.

Интересно ветеранот Мекалум дојде пред неколку месеци од Каршијака за која играше до есенската полусезона. Ерик Мекалум уфрли 13 поени (3/6 за три) и сите му беа во вториот дел. Тарик Биберовиќ имаше огромен удел со 10 поени.

Кај Панатинаикос најефикасен беше Џеди Осман кој постигна 22 поени со 6 скока. Осман се разлета по теренот во финишот кога ПАО бараше приклучок но на секој негов поен, Фенербахче имаше одговор.

Кендрик Нан, МВП-то на сезоната кој даде 19 поени но тој брзо мораше надвор од игра затоа што после 23 минути направи дури пет фаули. После повеќемесечна пауза на теренот се врати Матијас Лесор а трет најефикасен беше Џеријан Грант со 15 поени.

МОНАКО - ОЛИМПИЈАКОС 78:68

Легендарниот грчки кошаркар Василис Спанулис докажа дека ќе биде врвен тренер. Во неговата прва дебитантска историја во Евролигата го однесе Монако до големото финале.

Во првата четвртина се играше кош за кош и ниту еден тим не се одлепи резултатски па првиот период заврши 17:17. Во вториот квартал Даниел Тајс погоди тројка и од тој момент Монако го најде својот ритам. Преку нивниот лидер Мајк Џејмс францускиот тим поведе и на полувреме имаше 35:32.

На стартот на вториот дел Алфа Дијало и Џерон Блосомгејм прштеа на двете страни од теренот и Монако прво отиде на +10 а потоа и на +13 поени. Олимпијакос се обидуваше преку Еван Фурние но само тој беше расположен за игра кај црвено-белите.

Монако ги имаше Тајс, Џејмс, Дијало и Блосомгејм а ним им се придружи и Мам Жаите кој од центарска позиција погоди речиси се. 

Најголемо разочарување на вечерта беше некогашниот МВП играч и најдобар кошаркар во Евролигата Саша Везенков кој ги промаши сите 7/7 обиди за три поени.

На крајот конечни 78:68. Играч на мечот Мајк Џејмс со 17 поени, 7 скока и 5 асистенции а Аалфа Дијало уфрли 22 поени. Кај Олимпијакос Еван Фурние даде дури 31 поен но немаше поддршка од никој освен од Вилијамс-Гос кој даде 12 поени.

Во недела од 16:00 часот за трето место ќе играат Олимпијакос и Панатинакос а во големото финале во Абу Даби за пехарот од 19 часот ќе се судрат Монако и Фенербахче.

23 мај 2025 - 21:57