Минесота и тоа како не се предава, Оклахома згазена со 40+ разлика

Кошаркарите на Минесота Тимбервулвс убедливо со 143:101 ја совладаа Оклахома Сити Тандер во 3-от натпревар од финалето на Западната конференција и намалија на 2-1 во серијата.

По двата воведни порази на гости во Оклахома, сега екипата од Минеаполис возврати и на домашен терен пред своја публика го растури ривалот предводен од новиот МВП на НБА Шеј Гилџес-Александер.

Неверојатниот Ентони Едвардс кој пред некоја вечер стана најдобар стрелец во клупската историја на Минесота Тимбервулвс, постигна 30 поени, со 9 скока и 6 асистенции. Врвна вечер бележи и Џулиус Рендл со 24 поени, Теренс Шенон запиша 15 а Леонард Милер 11 поени.

Домаќините веќе после првиот период имаа 20+ поени предност, на полувреме водеа со недостижни 31+ разлика и тогаш веќе беше јасно кој ќе победи на крајот па шанса добија и некои резервни играчи да се разиграат.

Од друга страна, Оклахома Сити Тандер, најдобрата екипа во основниот дел на НБА лигата го одигра можеби најслабиот натпревар на сезоната. Лидерот ШГА постигна само 14 поени со мизерен шут од игра 4/13, шест асистенции и само два скока. Двоцифрени кај Тандер беа уште само Џејлен Вилијамс со 13 поени, Чет Холмгрен со 10 поени и 5 скока и Дилон Џонс со 10 поени.

Четвртиот натпревар, исто така во Минесота, ќе се игра меѓу понеделник и вторник во 2:30 по наше време.

За потсетување, во финалето на Исток, Индијана води со убедливи 2-0 против Њујорк Никс и тоа по два триумфи на гости во „Медисон Сквер Гарден“.

 

25 мај 2025 - 08:59