Лука Дончиќ маестрален, Леброн Џејмс за победа во последна секунда

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс ја совладаа Индијана Пејсерс 120:119 со кош на Леброн Џејмс во последна секунда со звукот на сирената. Ветеранот погоди од одбојка и му донесе победа на својот тим кој немаше триумф три меча по ред.

Лука Дончиќ беше најефикасен во победата на ЛА Лејкерс со 34 поени, 7 скока и 7 асистенции. Гостите од Лос Анџелес постојано беа во водство од стартот на вториот период но Индијана се враќаше резултатски и на крајот дури имаше и шут за победа но не го искористи Бенедикт Матурин. На другата страна Леброн Џејмс погоди со звукот на сирената за триумф:

Покрај Дончиќ, ефикасен беше и Остин Ривс со 24 поени, пет асистенции и четири скока. Леброн имаше прилично блед натпревар со очаен шут од игра (4/12) но погоди кога беше најважно, на крај за победа. Мечот го заврши со 13 поени, 13 скока и 7 асистенции.

Токму Бенедикт Матурин кој го промаши последниот шут на мечот за Индијана Пејсерс, беше најефикасен во својот тим со 23 поени и 5 скока. Тајрис Халибуртон додаде 16 поени со дури 18 асистенции а по 16 поени имаа уште и Ендру Небхарт и Мајлс Тарнер (запиша и 12 скока). Ветеранот Паскал Сијакам стигна до 15 поени.

27 март 2025 - 10:03