Лудило какво што грчката кошарка не памети

На доскорешниот европски шампион Панатинаикос нешто дефинитивно не му штима. Атинскиот кошаркарски гигант најпрвин на 15-ти февруари дома прими 102 коша од малиот Колосос од Родос и изгуби првпат од овој противник после цели 16 години. Синоќа изгуби од Ираклис во Солун после цели 15 години!

Во 19. коло од грчкото првенство кошаркарите на Панатинаикос изгубија од Ираклис 76:74 со кош во последна секунда, иако во текот на дуелот водеа и +21 поен разлика!

Ова е уште еден голем удар по тимот на турскиот тренер Ергин Атаман. ПАО изгуби во петокот во Евролига од големиот ривал Олимпијакос, а сега претрпе шокантен пораз и од Ираклис.

Панатинаикос во неделата водеше на гости во еден момент 29:50, цели 21 поен разлика. Од тој момент играше само домаќинот, предводен од полна сала и лудо навивање.

Јунак на Ираклис беше Едлер Дејвис кој во последна секунда постигна поени преку Хуанчо Ернангомез за делириум во салата „Иванофеио“ во Солун каде падна европскиот првак од предминатата сезона.

Едлер Дејвис уфрли 20 поени (7/9 за два) а 17 постигна Ди-Џеј Фандербурк. Тренер на Ираклис е српскиот стручњак Зоран Лукиќ. Кај Панатинаикос најефикасни беа Кендрик Нан со 21 поен, Ти-Џеј Шортс со 16 поени и Никос Рогавопулос со 11 поени.

Панатинаикос го претрпе четвриот пораз сезонава во домашно првенство односно трет на последните пет натпревари во Грција. Олимпијакос е убедливо прв со 19 победи на 19 натпревари а Панатинаикос е втор со 15 триумфи и 4 порази. АЕК е трет со 14-4 а ПАОК четврти со 11-6.

Ираклис е 7-ми со 8 победи и 10 порази.

 

9 март 2026 - 10:18