Во пресрет на почетокот на сезоната, франжизите во НБА се надмудруваат и на трансфер пазарот. Како вистинска бомба одекна информацијата дека кралот Леброн после 4 години се враќа во својот Кливленд од каде не баш пријателски замина во Мајами.
Џејмс со „жешките" освои 2 титули, 2 пати беше прогласуван за МВП на Плејофот и регуларната сезона. Со тоа како да ги задоволи своите апетити и реши да му се посвети на Кливленд, тимот кој го промовираше во НБА галаксијата.
Покрај Леброн и Пол Гасол направи мал земјотрес во лигата, откако реши да потпише со Чикаго. Во пакет со Никола Миротиќ кој дојде од Реал Мадрид, Гасол прифати дресот на „езерџиите" да го замени со оној на „булси".
Леброн Џејмс
Кога пред 5 години го напушти Кливленд, светот го обиколија видеа на кои навивачите на Кавалерс го фрлаат и палат неговиот дрес.
Џејмс тогаш немаше коректна разделба ниту со претседателот Дејв Гилберт кој во отворено писмо до јавноста го исплука Џејмс како човек кој трча по пари.
Откако го оствари својот сон во Мајами и стигна до 2 НБА прстени, Леброн реши да се врати во својот матичен клуб, каде се крчкаат планови за напад на титулата. Во Кевин Лав од Минесота, Кливленд гледа партнер на Леброн во походот кон врвот.
Наводно и ветеранот Реј Ален (39) е на пат повторно да стане соиграч со Леброн.
Андреа Барњани
И покрај уверувањата од Фил Џексон дека за Барњани ќе има сигурно место во екипата, раководството на Никси одлучи дека е подобро да го трампаат Италијанецот за играчи кои ќе го подигнат нивото на игра во Њујорк.
Неговата годишна плата од 11 милиони долари е најголема пречка за заинтересираните франжизи. Хјустон изгледа најзагреан за услугите на Барњани кој до крајот на месецов би требало да го знае својот иден клуб.
Пол Гасол
После 7 години во Лос Анџелес и 2 титули со Лејкерс, Каталонецот одлучи да замине во Чикаго, како слободен агент. Иако имаше бројни понуди, Гасол се одлучи за Булси, кои го доведоа и Никола Миротиќ од Реал Мадрид.
Со веќе присутниот Жоаким Ноа, Чикаго за сигурно ќе го има најсилното центарско трио во лигата.
Дека остануваат во добри односи со Гасол, „езерџиите" покажаа на Твитер каде му посакаа се' најдобро во понатамошната кариера.
„Не беше воопшто лесен избор. По долго размислување одлучив да потпишам со Чикаго. Ова е нов предизвик во мојата кариера" – признава Гасол по тешката одлука да го напушти ЛА.
Кармело Ентони и Двејн Вејд
Иако му истече претходниот договор со Никси и доби многу други понуди, Кармело реши да потпише нов договор со Њујорк.
Тежината на 5-годишниот договор кој Ентони го потпиша со тимот предводен од Фил Џексон изнеснува астрономски 129 милиони долари.
Од друга страна, Двејн Вејд како да не жали многу што му замина Леброн, па реши да остане во Мајами. Вејд доби 2-годишен договор по кој ќе заработи 31 милион долари.
Дирк Новицки и Тим Данкан
Откако ја прифати опцијата да остане во Спарс, Данкан ќе има можност да го освои шестиот прстен во НБА лигата, нешто што му успеа на легендарниот Џордан.
Сан Антонио понуди 10 милиони, а Данкан прифати уште една сезона да го носи дресот на „мамузите". На патот кон шестата титула ќе му помага и новиот помошник тренер, Еторе Месина.
Кога ќе го споменеме Далас, се мисли на Дирк Новицки. Автентичниот симбол на Маверикс, после цели 16 години, реши и понатаму да го носи својот најомилен дрес.
Со намалена плата, Новицки прифати нов, 3-годишен договор кој ќе му донесе 25 милиони долари.