
Во реприза на финалето од 2013. година, Реал Мадрид ќе игра против Олимпијакос и ќе се обидe да го освои трофејот кој 25 години му недостасува во клупскиот музеј. Пред две години Реал Мадрид загуби во финалето токму од Олимпијакос, а лани подобар од нив беше Макаби Тел Авив.
За разлика од првото полуфинале, во второто немаше никаква неизвесност. Дебитантот на Фајнал форот, Фенербахче солидно се држеше само во првата четвртина во која имаше поен предност после првите 10 минути.
Во втората четвртина, Реал Мадрид го скрши отпорот на тимот од Истанбул и со фуриозна игра стигна до убедливи 35:14. На стартот од второто полувреме, екипата на Пабло Лас имаше и неверојатни 27 поени разлика, по што победникот веќе беше решен. Кралевите имаа фантастичен шут за три поени, погодија 14 тројки од 30 обиди и станаа третиот тим во историјата кој постигнал толку тројки во едно евролигашко полуфинале.
Во неделното финале, Реал против Олимпијакос ќе игра за деветтата титула во клупската историја и воедно за одмазда на тимот од Пиреја кој пред две години ги победи во финалето.