ЦСКА нема лек за Спанулис, Олимпијакос во ново европско финале

Кошаркарите на Олимпијакос трет пат во последните четири години ќе играат во финалето на Евролигата, откако во драматична завршница ја совладаа ЦСКА Москва 70:68.

Најдобриот европски кошаркар во последната деценија, Василис Спанулис имаше шут од игра 0-10 до последната четвртина во полуфиналето вечерва против ЦСКА Москва. Во последните 10 минути даде 13 поени, од кои клучна тројка во последните 7 секунди и повторно го турна на колена рускиот гигант.
 
ЦСКА Москва и Олимпијакос по трет пат играа меѓу себе на една завршница на Фајнал фор на Евролигата. Пред три години ЦСКА во европското финале имаше неверојатни 19 поени предност, но Олимпијакос се врати и со погодокот на Јоргос Принтезис го освои големиот трофеј. 

Година дена подоцна исто се сретнаа на Ф4, во полуфиналето и повторно поуспешен беше составот од Пиреја. Годинава играа два пати во ТОП16 фазата и двете екипи победија по еднаш.
 
ЦСКА Москва имаше практично добиен натпревар, исто како во 2012 година. На четири минути до крајот имаа девет поени предност, водеа во текот на целиот меч, но Олимпијакос уште еднаш покажа дека има неверојатен тимски дух и игра најдобро кога е најпотребно. Спанулис го заврши мечот со 13 поени, 3 украдени топки и 3 асистенции. Јоргос Принтезис постигна 14 поени со 8 скокови, а одличен беше и Слукас со 10 поени. На другата страна Нандо Де Коло запиша 18 поени, а Саша Каун 11.
 
Грчкиот состав сега ќе го чека подобриот од второто полуфинале меѓу Реал Мадрид и Фенербахче.
 
Тројката на Спанулис со која се реши победникот:
 
15 мај 2015 - 20:18