Кошаркарите заминаа за Литванија

Македонската кошаркарска репрезентација замина за Литванија каде ќе ги продолжи подготовките за настап на квалификациите за пласман на Олимписките игри во Лондон.

Селекторот Марјан Лазовски за време на престојот во Литванија нема да може да смета четири играчи од стартна петорка бидејќи овој дел од подготовките од различни причини ги пропуштаат капитенот Перо Антиќ, Тодор Гечевски, Лестер Бо МекКејлеб и Владо Илиевски.

За време на престојот во земјата домаќин на последното Европското првенство, каде нашиот состав стигна до четвртото место, избраниците на селекторот, Лазовски ќе одиграат два контролни натпревари, а противници ни се репрезентациите на Литванија и Русија.

Со оглед на фактот дека патуваме некомплетни, овие два меча ќе бидат добра можност Лазовски да ја провери формата на неколку помлади кошаркари, а нашиот тим во полн состав ќе биде во следната фаза од подготовките, кои по враќањето од Литванија ќе продолжат во Скопје.

Квалификациите за пласман на кошаркарскиот турнир на Олимпијадата во Лондон ќе се одржи во Венецуела и тоа во периодот од втори до осми јули. Противници на нашата селекција во првата фаза се репрезентациите на Нов Зеланд и Ангола.

11 јуни 2012 - 17:16