Еден од најдобрите европски кошаркари кои играле во НБА, Кукоч, годинава по трет пат а вкупно осми беше номиниран за влез во кошаркаската Куќа на славните во Спрингфилд (САД) но не го избраа ни во класата 2020.
Кукоч кој во својата кариера освои Светско првенство 1990 во Аргентина, 2 олимписки сребра (1988, 1992), светска бронза (1994) и две злата од Европски првенства (1989, 1991) како и титули и прстени со Чикаго Булс во НБА, вели дека веќе нема смисла да зборува за Куќата на славните.
„Искрено мене повеќе ми значи што сум играл со Мајкл Џордан и сум освојувал НБА титули. За влез во Куќата на славните немам никакво влијание. Треба да се прашаат луѓето кои одлучуваат за тоа, јас навистина би сакал да знам кои се тие луѓе. Наводно не се знае кои се зошто никогаш јавно не се претставени.
Дали јас некогаш ќе влезам во Куќата на славните или не, стварно не знам. Дали би сакал? Секако дека би сакал! Ете, помина уште една година но ништо не се случи“, вели Кукоч денес за хрватсиот T-portal.
Легендарниот Тони од Сплит три пати стана европски шапион со Југопластика од неговиот роден град (1989, 1990 и 1991) а со Чикаго три пати го освои шампионскиот прстен во НБА (1996, 1997, 1998).
„На крај од краиштата, што има јас да зборувам за себе? Ама ако моите поранешни тренери, соиграчи и кошаркарски стручњаци викаат дека спаѓам меѓу најдобрите 3-4 европски играчи на сите вемиња, за што зборуваме тогаш? Можеби сите тие не знаат што зборуваат? Нема веќе смисла да се збори на таа тема... Попрво би потрошил енергија да одиграм една партија голф на терен со 18 дупки“, констатира Кукоч.
На сево ова трофејниот српски тренер Светислав Пешиќ кој ја води Барселона, вели:
„Мислам дека денес нема ниту еден љубител на кошарката кој не го сака Тони Кукоч. Едноставно него не можеш а да не го сакаш. Не само поради тоа што и даде на светската кошарка туку и поради тоа каков е како човек. Ова не е само мое мислење туку и на сите тренери кои го тренирале како и сите играчи кои играле или не играле со него.
Не знам дали е тоа смешно или тажно тој да не е во Куќата на славните. Очигледно живееме во свет каде се нешто треба да се излобира, а Кукоч не е од тој свет“.
Оваа година свечената церемонија за влез на нови членови во Куќата на славните ќе се одржи најверојатно во август а ќе влезат Кевин Гарнет, Тим Данкан и Коби Брајант (постхумно). Планирани се и Такмика Качингс, Еди Сатон, Барбара Стивенс и Патрик Бауман.
Кукоч живее на Флорида а на овогодинешниот Ол-Стар во Чикаго заиграл на егизбициски меч на ветераните.
„Игравме Хорас Грент, Мутомбо и оној малиот од Шарлот, како се вика, Магзи Богс! Што се однесува до мене, прошетав по теренот четири пати нагоре надоле и срцето ќе му пукнеше. Па кај ќе играм не можам да мрднам“, констатирал Кукоч кој ужива во сончевата Флорида.