Светската куќа на кошарката (ФИБА) го претстави новиот проект наречен Лига на шампиони, која ќе биде еден вид на конкуренција на Евролигата, а само еден ден потоа во Загреб се одржа состанок меѓу челниците на АБА лигата.
Според првичните информации првите луѓе на регионалната АБА лига објавија дека ѝ даваат поддршка на Евролигата и дека имаат поддршка од хрватската, српската и другите кошаркарски федерации од бивша Југославија. Потоа следуваше демант дека ХКС И КСС не ја поддржуваат Евролигата, а Хрватите за тоа ја известиле и ФИБА.
На состанокот во Загреб претставниците на АБА лигата гласале со 11:1 (само Цибона е против) и ја избрале Евролигата како главно клупско европско натпреварување преку кое ќе се водат резултатите на клубовите остварени во нивната регионална лига.
Со тој потег тие практично го овластуваат директорите на АБА лигата да продолжат да ги финализираат преговорите со челниците на Евролигата околу тригодишниот договор спрема кој најдобрите клубови од АБА лигата ќе имаат свои места во Евролига и Еврокупот за наредните три сезони. Тие сметаа дека патот до најквалитетното клупско кошаркарско натпреварување треба да го бараат преку регионалното натпреварување.
Проблемот е што сите клубови немаат ист став околу прашање па така пример Цибона ја поддржува Лигата на шампионите, Партизан е за веќе постоечката Евролига, а Задар предлага АБА лигата во иднина да биде од затворен тип.
Големиот проблем околу тоа на кого да му се даде поддршка настана откако ФИБА испрати строго предупредување дека федерациите и клубовите кои ќе и дадат поддршка на Евролигата може да бидат исфрлени од сите натпреварувања на ФИБА, како и од олимписките турнири.
Тоа може да им создаде проблем на репрезентациите бидејќи хрватската кошаркарска репрезентација ги чека квалификациите за Олимписките игри во Рио, а Србија е домаќин на квалификациите.
Евролигата е еден вид “затворена забава“ за најбогатите европски клубови. Тоа се: ЦСКА Москва, Реал Мадрид, Барселона, Олимпијакос, Макаби, Панатионаикос, Фенербахче, Анадолу Ефес, Лаборал, Жалгирис и Милано кои имаат А лиценца и сигурно место. Потоа таму настапуваат и победникот на Еврокупот, еден тим влегува преку квалификации и уште три како прваци на своите земји. Според новиот договор во ова друштво влегува и освојувачот на АБА лигата.
Македонската кошаркарска федерација официјално го поддржа проектот на ФИБА и се очекува македонскиот шампион да добие место во квалификациите. Евентуален пласман на некој македонски клуб во новоформираната Лига на шампиони ќе значи 100.000 евра, пари загарантирани за сите екипи кои ќе се пласираат. Инаку буџетот на Евролигата изнесува 32 милиони евра, а ЛШ ќе има на располагање 4,5 милиони евра годишно. Шампионот на крај може да стигне до максимални 500.000 евра.
На квалификацискиот циклус ќе учествуваат 56 екипи од 30 земји, а во групната фаза ќе има место за 32 екипи поделени во 4 групи. Осум од нив ќе играат квалификации, а останатите 24 ќе се пласираат преку своите првенства. Директен пласман ќе обезбедат екипи од Белгија, Чешка, Франција, Германија, Грција, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Полска, Шпанија и Турција.
Квалификациите за новата Лига на шампиони почнуваат на 27 септември, а фајнл форот е закажан за 28 до 30 април.