Кога Џордан го соблекол дресот со број 45, облекол 23 и растурил

Иако правилата биле многу строги, следувале казни и санкции за нивно прекршување, најголемиот на сите времиња решил да тера по свое и на крајот го прослави бројот 23. Многу генерации израснаа со оваа бројка во чест на Џордан.

Минатата сезона во НБА бројот 23 го носеле 15 кошаркари. И тоа е далеку од најпопуларната бројка, затоа што број 3 на дрес носеле 30 играчи, осмица носеле 26, а број 1 дури 25 кошаркари. Петка на грбот имале 24 ѕвезди, а број 0 имале 23-ца.

Но кога се гледа од страна, се има впечаток како 23-та да доминира, особено откако по доаѓањето во Лос Анџелес, Ентони Дејвис ја добил оваа бројка од Леброн Џејмс.

23 сезонава во НБА носеа многу познати супер-ѕвезди: Леброн, Ентони Дејвис, Џими Батлер, Лу Вилијамс, Дрејмонд Грин, Блејк Грифин...

На времето и Дејвид Бекам го одбра бројот 23 кога дојде да игра за Лос Анџелес. Сите, или воглавном сите се решаваат за дваес’тројката поради легендарниот Џордан.

„Во детството Мајкл Џордан ми беше Бог. Се заљубив во баскетот благодарение на него. Го одбрав овој број уште во школо кога играв бек. Претходно носев тројка, но сакав да бидам 23 поради Џордан кој го носеше во Чикаго“, рекол еднаш Леброн.

Џими Батлер, од друга страна одбрал 23-ка без посебно објаснување, иако познавачите на состојбите во НБА тврдат дека тоа е поради фактот што 23 во Филаделфија носел Мичел Вигинс (таткото на Ендрју), кој играл за ’76-ките во сезоната 1991/1992, последна во кариерата и настапил на 49 меча.

КАКО НАСТАНА ЛЕГЕНДАТА ЗА 23?

Бројот 23 не е најпопуларен во НБА лигата, но приказната околу дваесет и тројката секако е најинтересна.

На почетокот на својот кошаркарски пат, Мајкл Џордан не придавал големо значење на бројот кој го носи. Најмногу го сакал 45, но кога почнал да игра баскет за школскиот тим, тој број веќе го носел некој друг - брат му Лери. Па на Џордан му предложиле или 23 или 33. Мајкл подоцна објаснил дека го поделил 45 на два и затоа одбрал кој е поблиску до овој број.

Со 23-та Џордан играл на колеџ, а подоцна и во НБА.

Но приказната има и многу необичен момент.

Кога дошол во Чикаго Булс во ’95-та година, Џордан решил да игра во дрес со број 45. Се откажал од 23-та од лични причини: „Со оваа бројка татко ми последен пат ме гледаше во сала“. А со 45-ка играл и бејзбол.

Понатаму Булси влегле во второто коло од плејофот и се сретнале со Орландо Меџик. На првиот меч Џордан имал дури 8 изгубени топки и играл бледо.

Пред вториот меч од серијата, Џордан ги прекршил правилата. Гардероберите на Булси донеле дресови со различни броеви за Џордан, иако лигата има строг кодекс за промена на броевите во тек на сезона, а камоли во тек на меч: претходно треба да се извести канцеларијата на НБА и да се добие решение, но неопходно е да заврши тековната сезона.

На неколку минути пред мечот Џордан во соблекувалната решил да ја смени 45-та со која играл на првиот меч, и да облече 23. Постигнал 38 коша, 7 скока, 4 блокади и 4 украдени топки. Чикаго победил а „Ем-Џеј“ платил казна за кршење на дрес-кодот.

Бројот 23 не му помогнал многу во таа серија, но веќе го освоил најголемиот на сите времиња. Од тогаш Џордан правеше магија облечен во дресот со број 23 и го популаризираше овој број низ целиот свет (милиони негови дресови се продадоа ширум светот).

Бројката 23 стана симбол на моќ.

Кога Џордан ја заврши кариерата, претседателот на Мајами Хит Пет Рајли побарал од лигата да го повлече овој број од употреба на ниво на цела НБА. Мајами стана првиот клуб кој го овековечи овој број во април 2003 година.

Во 2009-та година и Леброн Џејмс побарал сите да се откажат од идејата да го носат бројот 23 во чест на легендарниот Џордан. Кога премина во Мајами, Леброн ја доби шестката. Но во Кливленд и Лејкерс играше со 23 на дресот.

Овој фамозен број во НБА го тргнале од употреба 6 клуба. Освен Чикаго и Мајами, тоа се уште и Атланта, Бостон, Бруклин и Хјустон. Сега во скоро време би можеле и Кливленд и Голден Стејт.

Интересно, 23-та не е најповлекуваниот дрес во НБА. Рекордот го држи 32-та кој го повлекле 11 клуба: Лејкерс (во чест на Меџик Џонсон), Јута (Карл Мелоун), Бостон (Кевин Мекхејл), Мајами (Шекил О’Нил), Портланд (Бил Волтон), Филаделфија (Били Канингем), Сан Антонио (Шон Елиот), Нетс (Џулиус Ирвинг), Детроиот (Ричард Хамилтон), Милводки (Брајан Винтерс), Сиетл (Фред Браун).

Бројот 10 е тргнат од употреба во 9 клуба во НБА, бројката 33 во осум франшизи, броевите 13, 15 и 22 во седум клуба итн.