Поранешната НБА ѕвезда и член на славната шампионска генерација на Чикаго Булс, легендарниот Денис Родман минатата недела престојуваше во Северна Кореја. Тој отпатува заедно со неколку членови на Харлем Глоубтротерс и се сретна со контроверзниот Ким Јонг Ум со кого заедно и проследија кошаркарски натпревар.
Оваа средба го изненади целиот свет, но не и добрите познавачи на ситуацијата во Северна Кореја. Според некои извештаи, покојниот лидер Ким Јонг Ил бил огромен обожавател на кошарката, а негов омилен играч бил Мајкл Џордан. Тој поседувал видео материјал од секој можен натпревар на Чикаго Булс на кој има настапено Џордан.
Љубовта кон Чикаго Булс ја наследиле и синовите Ун и Чул. Актуелниот лидер Ким Јонг Ун низ целата соба имал постери од Мајкл Џордан, а неговиот постар брат, Ким Јонг Чул за време на неговите студии во Швајцарија е сликан во дресот на Денис Родман.
Севернокорејците подолго време се обидувале да договорат дружење со кошаркарските легенди. Тие подолг период го канеле Мајкл Џордан, но тој учтиво ги одбива. Откако виделе дека немаат шанси со Џордан, тие договориле посета на Денис Родман кој веќе неколку години има финансиски проблеми и не одбива никакви покани.