Ако се гледа плејофот, Нагетс се петти на табелата според процент победи дома/гости во доигрувањето. Скромен учинок за разлика од регуларниот дел од сезоната.
Постои теза дека екипите кои доаѓаат во Денвер, градот познат и по прекарот Мајл Хај Сити (Mile High City) поради надморската висина на која лежи (1.609 мнв) не се прилагодуваат ако слетаат на денот на одигрување на мечот или ноќ претходно, но се аклиматизираат ако повеќе дена престојуваат таму.
„Разликата лежи во барометрискиот притисок во Денвер којшто е значително помал отколку во Мајами... Така што да, секако дека имаш помалку кислород во активните мускули. Тоа е факт. Тоа не е приказна, тоа не е мит“, вели Ренди Вилбер, спортски психолог при Олимпискиот и Паралимписки комитет на САД.
Во „Бол Арената“ во Денвер дури и кај линиите за слободни фрлања пред двата коша е обележана надморската висина, чисто „да ги потсети“ гостите на елевацијата на која играат (5.280 изразено во милји во САД).
На тоа ги потсеќа и спикерот пред почетокот на секој натпревар, како дополнителен психолошки притисок врз гостите.
Тезата вели дека затоа се случува Нагетс да изгубат натпревари во плејофот повеќе отколку во регуларна сезона.
Мајами Хит бил сместен во Колорадо веќе една недела и на некој начин ја потврдил оваа теза.
Ако на првиот меч Мајами Хит делуваше целосно вон ритам и играчите беа како муви без глави на паркетот, во вториот натпревар, делуваа мошне прибрано, па дури и повеќе од тоа и заслужено ја однесоа победата.
Споредете ја само статистиката од двата меча:
- Макс Струс: 0/9 за три во првиот меч ⇒ 4 тројки погодени само во првата четвртина од вториот меч
- Данкан Робинсон: мизерни 3 поени во целиот прв натпревар ⇒ 10 од 12 поени на Хит на стартот на последната четвртина, сите 10 ги даде во тој период кога и го скшрија отпорот.
- Гејб Винсент: 19 поени во првиот меч ⇒ 23 поени во вториот меч, најдобар во составот на Мајами Хит по корисност (+22 индекс на поени)
Заклучок: Кевин Лав од старт (22 минути, 6 поени, 10 скока) наместо јунакот од претходната серија со Бостон Селтикс Калеб Мартин кој беше незабележен на првиот меч со Денвер. А Кевин Лав, кој важи за еден од најдобрите скокачи во XXI век воопшто не ни влезе на првиот натпревар.
Мајами Хит не изгубија цврстина во дефанзивна формација со Кевин Лав кого цел живот го фалат за скокови, додавања и тројки, но го критикуваа поради слабата одбрана. Затоа пак огромниот Јокиќ, високиот Портер и мускулестиот Гордон веќе немаа 10-15 сантиметри предност во однос на својот чувар во секој напад.
Во многу моменти се покажа дека сите овие фактори - цела недела во Денвер, Кевин Лав од старт, поактивна игра во нападот реши дел од проблемите на Мајами.
Треба да се има предвид и фактот дека Мајами Хит верувале или не на првиот меч извел само две слободни фрлања и тоа е апсолутен рекорд во број на слободни фрлања во финале и општо во плејоф натпревар. Момците на Ерик Сполстра во вториот дуел во Денвер изведоа 22 слободни фрлања.
Но дали сево ова е лекот за Нагетс, најдобриот тим на Западот цела сезона?
Никола Јокиќ постигна 41 поен со 11 скока и 4 асистенции и 5 изгуени топки, а необично е што дури три пати кога Србинот имал над 40 поени во плејофот Денвер на крајот губел.
Како и пред три дена, Мајами и сега беше спремен да прими неограчен број поени од Никола Јокиќ а да ги притиска, претрчува и потиснува останатите негови соиграчи и тоа им успеа.
Поради таквиот исход, тренерот на Нагетс Мајкл Мелоун беше на раб на бес после натпреварот:
„Ова е финале на НБА, а ние зборуваме за некаква си посвета. Тоа ме вади од такт. На стартот на третиот период примивме 11 поени за две минути. Некои од нашите играчи па и уште беа разочарани после промашени шутеви. Ова е нашата далеку најнедисциплинирана средба во плејофот“.
Во последниот период Мајами погодил дури 36 поени од само за 19 поседи и тоа е најефикасен напад во четврта четвртина во цела НБА за цела сезона!
Денвер Нагетс не изгубил дома во плејофот во 2023-та и воопшто од март месец дома нема пораз во своја сала. Со Јокиќ во составот горчина на домашен пораз Нагетс немале цели три месеци. Во плејофов не изгубиле дома меч кога воделе 10 и повеќе поени разлика, а такви натпревари беа дури 11.
Но на се има крај, па и на таа серија. Мајами Хит израмни на 1:1 и сега товарот е на страна на Нагетс кои ќе гостуваат во преполна арена на Флорида каде ќе мора да докажат дека не случајно беа најдобар тим на Западот цела сезона.