Јокиќ уфрли 41 поен, но не може сам, Мајами го доби Денвер

Кошаркарите на Мајами Хит го израмнија резултат во големото финале на НБА на 1:1 откако синоќа во вториот меч во Колорадо го совладаа Денвер 111:108.

Тимот на Мајкл Мелоун, тренерот на Нагетс кој пред мечот најави дека е наивен секој кој верува дека Мајами ќе има уште една слаба шутерска вечер, загуби на сопствени грешки.

Денвер одигра катастрофално слаб четврти период кога Мајами со неколку добри серии ја однесе победата и дома на Флорида се враќа со 1-1.

Иако Џамал Мареј имаше шут за продолженија во последна секунда, промаши и само удри печат на својата бледа партија.

Никола Јокиќ уфрли дури 41 поен (16/28 од игра) со 11 скока и 4 асистенции. Мареј постигна 18 поени, Гордон 12 а Браун 11. Најслаб учинок меѓу нив имаше Портер јуниор кој уфрли само пет поени и е меѓу најголемите виновници за поразот.

Мајами Хит, екипа која од осмо место во регуларната сезона едвај преку плеј-ин баражот стигна до плејофот, одново со тимска и пожртвувана игра го скрши отпорот на фаворитот. По којзнае кој пат сезонава (претходно ги нокаутираа Чикаго Булс, Милвоки Бакс и Бостон Селтикс) Батлер и бандата демонстрираа дека со борбеност и добар шут можат да одат до крај.

Данкан Робинсон беше клучот на успехот затоа што сите свои 10 поени ги нанижа во последната четвртина кога го скршија отпорот. Винсент постигна 23 поени, а Бам Адебајо и Батлер по 21.

Маркус Струс, бекот на Мајами во првиот меч од серијата имаше 0-9 за три а сега уфрли три брзи тројки на почеток на вториот меч и најави тоа што следуваше.

 

Следниот дуел, во Мајами е на програмата во ноќта меѓу среда и четврток.

Јунакот со чии поени Мајами му зема брејк на Денвер

5 јуни 2023 - 09:30