Јокиќ залудно брутален со 44 поени кога Денвер Нагетс пак изгуби

Оклахома Сити Тандер го совлада Денвер Нагетс 112:105 во петтиот меч од полуфиналето на Западната конференција и е на праг од пласман во големото финале а ривалот пред амбисот на елиминација.

Финишот на мечот кој се играше во домот на Оклахома Сити Тандер беше неверојатен. Денвер имаше дури 12 поени разлика но ривалот брзо им ја стопи на крајот.

Најпрвин канадскиот репрезентативец Шеј Гилџес-Александер погоди тројка за водство 103:100 но Никола Јокиќ возврати со луда тројка за израмнување 103:103.

Нагетс во текот на целата сезона играат топло-ладно во одбраната, па така и синоќа во самиот финиш слабо се бранеа и му допуштија на Џејлен Вилијамс да погоди важна тројка за 106:103.

На спротивната страна веќе по навика Мајкл Портер-Џуниор промаши и Оклахома имаше напад кој Гилџес-Александар го искористи откако презема одговорност и ги однесе Тандер на плус шест поени разлика 109:103 и тогаш веќе победникот беше јасен.

Оклахома Сити Тандер со овој триумф води 3:2 во серијата. Најзаслужен за триумфот беше МВП кандидатот Шеј Гилџес-Александер со 31 поен, 6 скока и 7 асистенции. Џејлен Вилијамс пружи голема поддршка со 18 поени, 9 скока и 4 асистенции а двоцифрени беа уште и Ајзеа Хартенштајн со 15 поени и 7 скока, Чет Холмгрен со 14 поени и 8 скока, Алекс Карузо со 13 поени и Лугенц Дорт со 12 поени.

Кај поразените Нагетс Никола Јокиќ одигра страшен меч со 44 поени, 15 скока и 5 асистенции но тоа не беше доволно да се спречи нов пораз од најдобриот тим во основниот дел.

Џамал Мареј го заврши мечот со 28 поени (шут од игра 10/27), 4 скока и 3 асистенции, Арон Гордон повторно беше солиден со 13 поени а мизерен натпревар по којзнае кој пат сезонава одигра Мајкл Портер-Џуниор еден од најплатените НБА кошаркари кои постигна само 2 поени.

 

14 мај 2025 - 07:42