Салата „Александар Николиќ“ попозната како „Пионир“ во Белград ќе биде дом на „гордоста на Израел“ сезонава во Евролига.
Поради воениот конфликт кој избувна меѓу Израел и Палестина, неколку израелски клубови во еврокуповите ќе бидат домаќини во српската престолнина.
Првиот меч што Макаби Тел Авив, некогашниот европски шампион ќе го игра во Евролига како номинален домаќин во Белград ќе биде на 9. ноември против Баерн Минхен. Мечот од шесто коло во Евролига во кое Макаби треба да му гостува на Реал Мадрид првично беше закажан за 2. ноември но Евролига соопшти дека ќе пронајде нов датум за одигрување на овој натпревар.
Евролига во своето соопштение наведе дека Макаби Тел Авив добил поддршка од градските власти во Белград и од владата на Република Србија.
Макаби има дури шест европски титули и освојувач е на неверојатни 56 шампионски титули во Израел. „Жолтите“ од Тел Авив се сметаат за еден од најголемите клубови во историјата на европската кошарка, а зад овој клуб стои армија навивачи.
Макаби Тел Авив имаше опција да биде домаќин и на Кипар, во Никозија, но израелските служби процениле дека безбедносната ситуација не би им била совршена таму.
Во белградската сала „Александар Николиќ“ треба да играат уште и Хапоел Ерусалим кој од клупа го предводи некогашниот селектор на Македонија Александар Ѓикиќ. Овој клуб игра во ФИБА Лига на шампиони. На исто место домаќин би можел да биде и Хапоел Тел Авив кој игра во Еврокуп а кој се уште не одговорил во која сала ќе ги игра домашните натпревари.
Израелскиот „Вала спорт“ пишува дека Хапоел Ерусалим ќе го пречека турски Галатасарај без публика на 11-ти ноември. Во меѓувреме израелските власти апелирале до сите израелски државјани да ја напуштат Турција поради „висока опасност“.