НБА првично планираше драфтот да го изведе изминатото лето во спортскиот комплекс „Барклајс центар“ во Бруклин, но поради пандемијата со коронавирус, церемонијата беше одложена.
Ова е прв драфт после 1975 година којшто не беше спроведен во месец јуни. Го водеше Адам Силвер, комесарот на НБА од студио на ЕСПН.
Прв пик на драфтот и најголема ѕвезда на вечерта беше Ентони Едвардс кого го одбра Минесота Тимбервулвс.
No. 1 Pick: Anthony Edwards, Minnesota Timberwolves #NBADraft #NBADraft2020 pic.twitter.com/zXAYt5aWTp
— BasketballBuzz (@basketballbuzz) November 19, 2020
Најдобро пласиран кошаркар од Европа на драфтот е Французинот Килијан Хејс кој како 7-ми пик заврши во Детроит, а Србинот Алексеј Покушевски оди во Оклахома како 17-ти пик.
19-годишниот Едвардс е роден во Атланта и во НБА доаѓа од колеџот Џорџија каде играл во сезоната 2019/2020. На 32 меча Ентони во просек имал 19,1 поен, 5,2 скока, 2,8 асистенции и 1,3 украдени топки.
Едвардс има многу тажна животна приказна - во рок од осум месеци ги губи мајка му Ивет и сестра му Ширли кои починале поради болест кога Ентони бил 8. одделение. Едвардс носи број 5 на дресот затоа што мајка му и сестра му починале на 5-ти ден во различни месеци. Во истата година подоцна починала и баба му кога тој имал само 14 години.
За него од тогаш се грижеле сестра му Антоанеа и брат му Антоан. Интересно Едвардс во пар прилики раскажал како кошарката не му била спорт 1 во животот и дека не ја сакал многу.
Поради неговата исклучителна експлозивност го споредуваат со Двејн Вејд и за очекување е уште во првата сезона да блесне во дресот на Минесота.
Втор пик на драфтот е 19-годишниот Џејмс Вајсмен кој оди во Голден Стејт а доаѓа од Универзитетот Мемфис. Вајсмен е центар кој во просек имал по 19,7 поени, 10,3 скока и 3 блокади по натпревар.
Трет пик на синоќешниот драфт е Ламело Бол (19) кој ќе го носи дресот на Шарлот. Интересно Ламело е помлад брат на ѕвездата на Њу Орлеанс (некогаш втор пик на драфтот) Лонѕо Бол. Ламело досега играше во Литванија, САД и Австралија. Во „земјата на кенгурите“ во сезоната 2019/2020 ја добива наградата за руки на годината.
Чикаго Булс се реши за ниското крило Патрик Вилијамс од Флорида Стејт. Петтиот пик на драфтот, најдобриот дефанзивец на драфтот, Ајзак Окоро (Обурн) ќе игра за Кливленд.
Првиот пик Ентони Едвардс е „двојка“ на паркетот. Може да шутира од изолација, од пик-ен-рол, а на многу места се отвора за прием и одлично игра без топка.
Главна карактеристика на Едвардс е телото со неговиот атлетизам. Ако се оди по планот, Едвардс ќе може да се надигрува со кој било ривал на периметрот затоа што поголемиот дел од нив ќе бидат инфериорни како во брзина, така и во снага.
На колеџ, Едвардс повеќе од половина шутеви ги земал од далечина иако не бил многу прецизен (29%). Во првата година од колеџ во прилично силна конференција имал во просек по 20 поени по натпревар.
Во одбрана може да игра на неколку позиции.
КОИ МУ СЕ МИНУСИТЕ?
Ги помните оние бледи 29% погодени обиди за три поени? Едвардс има навика да влезе во непотребни шутеви. Во просек шутира по 8 пати за три и понекогаш се погаѓа да има „огнена вечер“ но во шутот од дистанца тој е непрецизен.
Читањето игра исто така му е уште еден сегмент на кој ќе треба да поработи и да созрее. Често и покрај експлозивната брзина знае да се заплетка во мрежата на ривалот.
ТОП10 НБА ДРАФТ 2020:
1. Минесота - бек Ентони Едвардс
2. Голден Стејт - центар Џејмс Вајмен (Мемфис)
3. Шарлот - бек Ламело Бол (Илавари)
4. Чикаго Булс - крило Патрик Вилијамс (Флорида Стејт)
5. Кливленд - крило Оберна Ајзек Окоро (Оберн Taјгрс)
6. Атланта - ентар Онјека Оконгву (Универзитет Јужна Каролина)
7. Детроит - бек Килиан Хејс (Улм)
8. Њујорк - крило Дејтон Оби Топин (Универзитет Дејтон)
9. Вашингтон - крило Дени Авдија (Макаби)
10. Феникс - центар Џален Смит (Мериленд)
КОИ ИГРАЧИ ОД РЕГИОНОВ БЕА ИЗБРАНИ НА ДРАФТОТ?
Во топ10 на драфтот влезе и Дени Авдија, израелски Србин, син на некогашниот долгогодишен капитен на Црвена звезда Зуфер Авдија. 19-годишниот Дени блесна во Евролигата во дресот на Макаби и тоа беше препорака за НБА.
Дени ќе игра за Вашингтон Визардс.
Српската кошарка свој нов претставник во НБА лигата ќе има и во Алексеј Покушевски (18) кој од високата 17. позиција оди во Оклахома. Покушевски е необичен кошаркар кој игра плеј со 214 см и прилично е подвижен за таа висина. Од својата 15-та година е кошаркар на Олимпијакос за чиј Б тим играше минатата сезона. Може да игра на неколку позиции и скаутите му предвидуваат блескава НБА кариера.