Денвер и Јокиќ посилни од Лејкерс без Леброн и Дончиќ

Во дербито на вечерта во НБА, Денвер Нагетс го совлада ЛА Лејкерс 131:126 во натпревар на кој не играа најголемите ѕвезди на Лејкерс Леброн Џејмс и Лука Дончиќ кои отсуствуваа поради повреди.

Покрај Леброн Џејмс и Дончиќ, не играа ниту Руи Хачимура, Џексон Хејс, Гејб Винсент и Доријан Фини-Смит кои се вон стројот веќе подолго време.

Пред свои навивачи во „Бол Арена“ Никола Јокиќ постигна 28 поени (8/16 од игра, 12/17 слободни фрлања) со 7 скока, 5 асистенции, 3 украдени топки но и 4 изгубени топки.

Денвер Нагетс потешко од очекувањата го скрши отпорот на Лејкерс односно клучни поени беа оние кога Џамал Мареј погоди тројка на пет секунди пред крајот и го реши натпреварот.

Токму канадскиот репрезентативец кој игра топло-ладно низ целата сезона, синоќа постигна 26 поени (9/16 од игра, 3/3 слободни фрлања) и заедно со Кристијан Браун кој имаше 22 поени (9/10 од игра) и Расел Вестбрук и Арон Гордон кои додадоа по 17 поени му беа најголема поддршка на Јокиќ.

Кај ЛА Лејкерс, во отсуство на пола екипа, прв стрелец беше Остин Ривс со дури 37 поени (13/26 од игра), 8 скока и 13 асистенции. Одлична вечер имаше Далтон Кнект кој уфрли дури 32 поени (13/27 од игра) а шансата ја искористи и резервистот Шејк Милон кој мечот го заврши со 16 поени.

15 март 2025 - 09:53