Арапите ја купуваат и кошаркарска Евролига, сакаат клуб од Дубаи да заигра во Европа

Арапските милијардери откако успешно влегоа во фудбалот, во Формула 1, во турнирите за боречки спортови, во многу други спортови, сега се спремни да направат уште еден чекор и да станат дел и од кошарката.

Дубаи, како еден од најбогатите центри во арапскиот свет, веќе стапи во контакт со НБА и воспостави соработка, а сега наголемо преговара и со елитната европска кошарка - Евролига.

Ова би значело дека во догледно време освен промена на спонзорскиот пулт при што Евролига би понела име на спонзор од Обединети Арапски Емирати, исто и евентуално вклучување на клуб од оваа земја.

Акционерите во Евролига меѓу кои се сите сопственици на клубовите учесници во Дубаи седнале на маса со бизнисмени од ОАЕ. Шпанските и грчките медиуми, во прв ред Марка, пишуваат дека шеиците од Дубаи отворено на Евролига и понудиле договор вреден педесетина милиони евра за промена на името во Emirates Airlines EuroLeague со што би било сменето досегашното Turkish Airlines EuroLeague која за тоа годишно плаќа околу 10 милиони евра.

Оваа огромна, астрономска сума би донела големи приходи на клубовите и би го зголемила наградниот фонд. Шампионот на Евролига, тимот кој минатата сезона го освои трофејот заработи околу 1,5 милиони евра што е дури десет пати помалку од тоа што го заработуваат фудбалските клубови само за влез во Лига на шампиони или Лига Европа.

За возврат, шеиците од Дубаи бараат домаќинство на Фајнал Форот на Евролига на три години по ред во модерната Кока Кола Арена а би сакале и да основаат свој клуб кој би им се приклучил на Реал Мадрид, Барселона, Панатинаикос, Макаби Тел Авив, Милано, Олимпијакос, Уникаха, Црвена Звезда и другите евролигаши.

„Возбудени сме поради потенцијалот на Евролига во Дубаи, но се уште е многу рано за какви било детали. Се радуваме на продолжување на разговорите“, стои во соопштението на Евролига објавено на нивните профили.

12 октомври 2022 - 13:46