Скоро сигурно е дека најдобриот стрелец во англиската Премиер лига нема да го продолжи договорот со Арсенал, а тоа беше сигнал за клубовите веднаш да се активираат во борбата за неговиот потпис.
Според кладилниците, најголеми се шансите дека тој ќе премине во актуелниот шампион Манчестер Сити. Коефициентот за овој трансфер изнесува 1,8.
Италијанските медиуми пак тврдат дека Јувентус го краде Ван Перси, па со коефициент 3,5 тие се втори фаворити според кладилниците.
На третото и четвртото место се Манчестер Јунајтед и Барселона со коефициент 6.
За оние што веруваат во чуда, некои кладилници понудија коефициент 101 дека тој ќе премине во Тотенхем.
Арсенал како филијала на Манчестер Сити
Нема да биде никакво чудо ако милионите на Манчестер Сити го привлечат Робин ван Перси. Тоа се случува толку често во последните неколку години како Арсенал да е филијала на Манчестер Сити.
Во 2009-та година за Манчестер Сити потпишаа Емануел Адебајор, Силвињо и поранешниот капитен Коло Туре.
Патрик Виеира одигра девет сезони за Арсенал и освои три титули, а по играњето за Интер и Јувентус, потпиша за Манчестер Сити каде сега работи како директор на младинската школа.
Минатата година од Арсенал во Манчестер Сити преминаа Гаел Клиши и Самир Насри.