Фудбал

Штом Виера ќе те гушне, значи стварно е еврогол

Убава спортска среда со голчишта, меѓу кои за издвојување е оној на Вилфред Заха со мајсторија ала Килијан Мбапе за Норич - Кристал Палас конечни 1:1.

Дојди да ти направам тунел пред да го матирам Столе

Бетис го совлада Рајо Ваљекано на гости со 1:2 во првата полуфинална пресметка од Купот на Шпанија со што направи одличен резултат пред реваншот. Мечот го реши Португалецот Вилијам Карваљо кој пред да го совлада Димитриевски, си поигра со чуварот како со мало дете.

Костариканска велемајсторија за сите пари

Плус кога ќе ти го зачини јужноамерикански коментатор, клипот има посебен драж. 

Ја видовте ли новата технологија на ФИФА за офсајд на Светско првенство?

ФИФА се спрема за Мундијалот во Катар во ноември годинава. За таа цел, како дел од подготовките е и имплементација на полуавтоматски офсајд - односно систем од поставени камери под покривот на стадионите кои автоматски цртаат линии, па судиите не мораат да трошат време во прекини, долги разговори со ВАР соба и прегледување снимки.

Мане во болница запознал повредено дете во животна опасност за кое веднаш платил операција

Садио Мане и неговиот Сенегал апсолутно заслужено стигнаа до пехарот на Купот на Африкански нации. Играа одлично, отворено, напаѓачки на гол повеќе и на крајот им се насмевна и среќата: на пенали во финале го урнаа најтрофејниот Египет. Но една приказна поврзана со јунакот на Сенегал се шири по светот.

Графит во Загреб во чест на Адеми

Симбол на Динамо Загреб, капитен, мотор на тимот, рекорден по број на настапи и трофеи, верен веќе 12 години. Тоа е Аријан.

Жоелинтон од Њукасл сам себе се отепа

Њукасл конечно заигра како што треба. По доаѓањето на новите газди преку најбогатиот инвестициски фонд на светот од Саудиска Арабија, Њукасл првпат забележа убедлив триумф: со 3-1 го победија Евертон. Мечот го одбележа и еден комичен обид на Бразилецот Жоелинтон кој во трк да шутира во гол, се лизна па се погоди себеси со топка.

Голмански студ до коски во Турција

Во вечер кога фокусот беше на дуели од англиската Премиер лига и италијанскиот Куп каде се сретнаа Интер и Рома (2:0), фудбал се играше и во Турција. И тоа каков фудбал. Во турскиот Куп Фатих Караѓумрук со 5-4 после продолженијата ја совлада Коњаспор. Ај што имаше 9 гола, туку што италијанскиот голман Емилијано Вивиано се тресеше од студ.

Размена на автоголови на мечот Њукасл - Евертон во две минути

Њукасл го совлада Евертон со 3:1, а првиот дел заврши 1:1 со два брзи автоголови во кои двајца играчи си ги сменија несреќните улоги. Прво Холгејт биеше, а Ласелс си постигна автогол. Потоа Ласелс биеше со глава, па Холгејт си постигна автогол. И до двата наврати топката удри од нив.

Проектилот на Санчез и јуначкиот потег на Шкрињар на гол линија

Со головите на Един Џеко и Алексис Санчез, Интер ја елиминираше Рома во Купот на Италија и во полуфинале ќе го чека победникот од дуелот Милан - Лацио. Чилеанецот распали за 2:0, а Словакот спаси чист гол на махерски начин.

Овации за „Специјалниот“ на Меаца

За прв пат после 12 години, Жозе Мурињо се враќа на местото каде испиша историја во која дел беше и Горан Пандев. Мигови врежани во срцата на навивачите на Интер.

Шефот на УЕФА, Словенецот Чеферин откри каков би бил фудбалот во иднина

Првиот човек на УЕФА пред неколку дена дал големо интервју за францускиот JDD и отворено одговорил на некои остри прашања: за тивката војна со ФИФА, за неуспешниот финансиски фер плеј и бесконечните турнири кои веќе ги презаситија љубителите на фудбалот.

Како гледа фудбал во изолација најемотивниот тренер во Бундеслига

Штефен Баумхарт (50), тренерот на Келн е во изолација поради позитивен тест. Мечот против Фрајбург го гледал дома на телевизија во присуство на целото семејство. Цело време урлал, викал, како да е покрај аут линија. Видеото скришно го снимила ќерка му и го објавила на социјалните мрежи. Тренериште!

Сакаше да ја расчистиш или да дадеш гол од 80 метри?

Најлудачкиот волеј на годината е овој и никој друг и ни доаѓа од Бразил. Пази на прва зема да ја расчистува на своја половина, а топката заврши во гол.

56 години полни Ицо Стоичков - 10 интересни факти за Камата

Просто немаше ден од неговата фудбалска и тренерска кариера а да нема некој циркус. Христо е роден за шоу. Секогаш реагира на прва и зборува без влакна на јазик, а уличниот талент и пркос го вивнаа до ѕвездите.

Забележавте ли што криел на шишето голманот на Египет во финале?

Мохамед Габал познат како Габаски заборави да си прибере нешто што криеше за време на финалето на Купот на Африкански нации, па сега го открија и сите зборуваат за тоа.

Две години условна затворска казна за Енис Барди во Валенсија

Лидерот на македонската фудбалска репрезентација прво е осуден на четири месечна затворска казна, но потоа делото е преиначено во условна казна поради прикажување лажна возачка дозвола пред полициски службеници при рутинска контрола.

Славјето во Дакар, Париз, Њујорк за шампионите на Африка

Сенегал во најдобар состав во нивната историја, со ѕвезди како Калиду Кулибали, Садио Мане и Едуар Менди заслужено го освои Купот на Африка откако во финалето го совлада Египет на пенали. Јунаците се вратиле дома а пречекот бил масовен.

Две мајстории од слободен удар за 12 минути

Симоне Верди од Торино пред десетина дена замина на помош на позајмица во Салернитана која ниту со Франк Рибери никако да пркне сезонава. Искусниот играч од среден ред за кој пред 4 години Наполи плати 25 милиони евра, имаше неверојатен блесок на дебито со две мајстории од место. Штета за резултатот. Специја доби два пенали и мечот заврши 2:2.

Преместете се сите за по едно седиште да седнам до Обамејанг

Осман Дембеле стана проблематичен случај во Барселона кој наверојатно ќе заврши во јуни со разделба. Не сака да остане во Барселона, навивачите почнаа да го свират, а изгледа нема веќе ни другари. На мечот со Атлетико побара од сите да се преместат по едно седишне, за да седне до Обамејанг со кој играше во Борусија една сезона.

Фудбалер на Торино намерно сакал да добие жолт картон за да игра со Јувентус

Удинезе ја забележа најчудната победа сезонава во Серија А, откако со два гола во длабоко судиско продолжение (90+3’ и 90+7’ минута) го решија Торино. И двата тима се во сигурната зона, а чуди она што го направи стоперот на гостите, 22-годишниот Алесандро Бонџорно кој е на еден жолт картон од суспензија, па сакаше намерно да добие сега со Удинезе за да го пропушти мечот со Венеција следно коло и да биде спремен за градското дерби со Јувентус.

Простачки гест на Лаутаро Мартинез на дербито

Градските дербија во Италија носат посебен набој и многу тензија. После видеото со насилничкото однесување на редар, се појави ново, овој пат од тензијата на крај меѓу Тео Хернандез и Лаутаро Мартинез. Првиот доби црвен на крај и замина во соблекувална, а вториот ја направи сељачката и отиде да го плукне. Михајловиќ кога го плукна Муту во ЛШ, осум кола го казнија.

Во меѓувреме одиме кај Ибра во теретана

Глупо е веќе да кажуваш дека е ветеран и да го прашуваш дали сезонава му е последна бидејќи има 40 години, особено после ваква најава за кам бек. Него ај сега прашајте се дали некој од вас може барем да се задржи вака со нозе неколку секунди? 

Бајката на петтолигашот кој стигна до осминафинале на ФА Куп

Англискиот ФА Куп е најстарото фудбалско натпреварување на светот. Во овој турнир учествуваат стотици тимов од фудбалската пирамида, а први стартуваат оние од најнизок ранг. Со тек на време доаѓаат и големците од Премиер лига и Чемпионшип, ама секоја година има некоја „нагазна мина“ од четврта, петта, шеста лига кој прави сензација.