Играч на Арсенал забоден од психопат, поранешен фудбалер на Наполи и Интер го совладал убиецот

Дефанзивецот на Арсенал кој е на позајмица во Монца, Пабло Мари преживеал стравичен напад од психопат во супермаркет Карфур во трговски центар во реонот Асаго близу Милано. Напаѓачот од чиста мира убил еден касиер, а повредил и четири други лица пред да биде совладан од некогашен соиграч на Марадона во Наполи.

Италија е во шок по веста дека во еден супермаркет 46-годишен психијатриски случај од нигде никаде земал нож кој бил на продажба, го отпакувал и хаотично почнал да го напаѓа секој што му се нашол на патот.

Во тој лудачки напад напаѓачот му забодел неколку смртни рани на касиерот кој бил Боливиец кој работи во Италија подолго време.

Меѓу повредените е и познатиот фудбалер, дефанзивецот Пабло Мари кој е под договор со Арсенал а на позајмица во италијанска Монца.

Мари бил со мало дете и својата сопруга во моментот кога почувствувал дека некој од зад грб го прободел. Веднаш бил префрлен во болница каде му била извршена операција поради што ќе паузира околу три месеци со фудбалот.

Откако го совладале и уапсиле, на обвинителот кој го испрашувал, убиецот му одговорил: „Ги видов тие среќни лица и станав љубоморен“.

ЈУНАК НА ДЕНОТ ВО ИТАЛИЈА Е ПОРАНЕШЕН ФУДБАЛЕР НА НАПОЛИ НА МАРАДОНА И ИНТЕР НА БАЏО И РОНАЛДО

Масимо Тарантино е прав херој во Италија. Тој успеал да го совлада лудакот во крвавиот чин во маркетот Карфур близу Милано.

Тарантино на времето играл со фудбалери како Марадона, Ѕола, Роналдо, Баџо и Бепе Сињори. Но најважен меч во животот одиграл синоќа кога успеал храбро да му се спротивстави на напаѓачот кој со нож мавтал по секој присутен.

„Не, не ме викајте херој, не направив ништо посебно. Тој урлаше урлаше и наеднаш толку“, рекол Тарантино кој во моментов работи како технички директор во клубот СПАЛ каде тренер од неодамна е Даниеле Де Роси.

Тарантино е роден во Палермо. Има 51 година. Син е на поранешен фудбалер Бартоломеј Тарантино кој играл во Серија А една сезона со Венеција. Јунакот Масимо Тарантино почнал во тимот Космос Палермо па продолжил во Катанија. Во 1989-та година потпишал со силниот Наполи на Марадона и таму останал седум години. Во 1996-та дошол во Интер но поради повреда ја пропуштил речиси цела сезона.

Се вратил на терен во дресот на Болоња каде одиграл пет сезони пред да се пресели во Комо. Во Ломбардија се задржал две години пред да игра второлигашки фудбал во Триестина и Павија.

Сега е технички директор во клубот СПАЛ каде тренер од неодамна е Даниеле Де Роси.

После мечот на Арсенал во Лига Европа со ПСВ Ајндховен, новинарите го прашале тренерот Микел Артета дали е запознаен со случајот на Мари.

„Да. Клубот е во контакт со фамилијата на Мари. Знам дека Еду (спортскиот директор) е во контакт со неговите најблиски. Во болница е но мислам дека е океј. Ќе имаме брифинт сега, ќе го слушнеме и се надевам ќе биде добро“.

Од Арсенал и Монца соопштија дека играчот се чувствува добро и изразија сочувство до семејството на убиениот вработен во маркетот.

28 октомври 2022 - 13:43