Зошто навивачите на Интер ја напуштија трибината сред мечот со Сампдорија?

Во саботата вечер за време на мечот Интер - Сампдорија, во Милано проструила вест за убиство на Виторио Бојоки, 69-годишен легендарен водач на тифозите на Интер, после што целата северна трибина на „Сан Сиро“ се испразни набрзина и експресно сите знамиња и барјаци беа повлечени.

Виторио Бојоки имал сериозна криминална позадина и во затвор поминал дури 26 години поради разни кривични дела. Италијанските медиуми пишуваат дека Бојоки паралелно со големата навивачка страст за Интер, бил поврзан и со испостава на Коза Ностра, таканаречена филијала casca dei Maninno и со Mafia del Brenta кои биле посебно следени од полицијата.

Бојоки лежел во затвор повеќе од две децении поради организиран криминал и наркотици. Во саботата вечер напаѓач го застрелал три пати во 19:50 на улицата „Фратели Ѕанцотера“ близу неговиот дом.

И покрај тоа што екипите на брза помош експресно со хеликоптер стигнале до местото на настанот, 69-годишниот Бојоки им подлегнал на повредите при транспорт до болницата Сан Карло во Милано.

Последен пат Бојоки бил уапсен во март 2021-ва година во Милано заедно со неговиот ортак Паоло Камбеда и бил осуден на 3 години и 2 месеци. Таа му била една од десетината претходни пресуди.

Во 2019-та година по долго отсуство се вратил на трибината Curva Sud и ја презел контролата врз неа како на крајот од ’80-те години кога под негово водство оваа групација важела за една од најжестоките на Апенините.

Во јуни 2020-та добил забрана за приближување на 2 километри од стадионот „Сан Сиро“.

Бојоки наводно водел бизнис со паркинг на и околу стадионот и од тоа заработувал и до 80.000 евра месечно, а заработувал и од препродажба на карти (понекогаш имал и по 700-800 влезници за трибините).

Кога водачите на групата Curva Nord за време на мечот Интер - Сампдорија дознале за убиството на Виторио Бојоки, веднаш ги тргнале и спакувале сите знамиња од оградата и сите ја напуштиле трибината. 

Интер убедливо со 3-0 ја совлада Сампдорија и ја закова при дното па тимот од Џенова го чека грчевита битка за опстанок во Серија А. Стрелци на головите беа Стефан де Врај, Николо Варела и Хоакин Кореа.

Во текот на натпреварот навивачите на Интер претходно извадија парола за Дејан Станковиќ кој сега е тренер на Сампдорија. „Вчера, денес и засекогаш. Дејан еден од нас“ во чест на Србинот кој од 2004 до 2013 го носеше дресот на Интер и беше член на славната генерација која ја освои историската триплета.

31 октомври 2022 - 09:51