Живот зад ѕидот

Зошто во Бундес нема екипи од Источна Германија?

Клубовите од Источна Германија се познати по перспективните играчи и лудите навивачи, но не и по резултатите. Последен клуб од истокот испадна од Бундеслигата пред шест години. Зошто овој дел од Германија живее практично без најдобар фудбал?

Историјата на една победа
 
Во својата кратка историја, репрезентацијата на Источна Германија не оствари некои значајни успеси на фудбалскиот терен. Златото на Олимписките Игри во Монтреал тешко дека може да се сметаат за претерано значаен успех, со оглед на тоа дека соседите од Западна Германија во тоа време два пати го освојуваа Светското првенство.
 
Иако оваа селекција кратко време била заедно, на Мундијалот 1974. година кој се одржа во соседна Сојузна Република Германија, во првиот и последен меч меѓу двете Германии славеше Источна. Секако, овој пораз во групната фаза не ги спречи Герд Милер и компанијата да ги победат другите селекции и да го освојат трофејот во Берлин. Единствениот гол на меѓусебниот меч го постигна Јирген Шпарвасер, а погодокот се вртел на сите екрани во Источна Германија. 
Обединето првенство
 
Во раните '90-ти години, Западна Германија имаше шанса да им се одмазди на соседите за поразот од 1974. година. Во квалификациите за Евро 1992. НДР и СР Германија беа во иста група, но до почетокот на турнирот, во есента 1990-та дојде до обединување на двете земји. За фудбалските федерации на двете земји дошло време за расправата околу форматот на следното првенство.
 

Исходот на преговорите била одлуката во Бундеслигата да се вклучат двата најдобри тима од Источна Германија и шест тимови од оваа земја во втората германска лига. Први учесници во Бундеслигата од Источна Германија се Ханза Рошток и Динамо Дрезден.

Подоцна тимот од Рошток играше најчесто во Бундеслигата. Со 12 сезони во најдобриот фудбал, Ханза го држи приматот на сите тимови од истокот (шесто место во сезоните 1995/96 и 1997/98). Последен клуб од Источна Германија што играше во Бундеслигата е Енерџи Котбус во 2009. година.

Невидливиот ѕид

Кои се причините за неуспешните настапи на клубоите од ИГ? Прво, парите, односно недостаток од истите. Веднаш по обединувањето на Германија, талентираните играчи од Оберлигата (тн. првенство на Источна Германија) потпишаа богати договори со клубовите од Западна Германија. Матијас Замер и Улф Кирстен го напуштија Динамо Дрезден во 1990. година, а на западот се пресели и Јенс Јеремис во Баерн Минхен во 1995. година. За многу екипи од Источна Германија било право искушение да ги задржи своите таленти, а така е и до денешен ден. Браќата Крос (Тони и Феликс) се деца на школата на Ханза, па преку Бремен заминаа во Баварија. Марсел Шмелцер е дете на Магдебург кој игра за Борусија Дортмунд.

Нерамномерниот економски развој на земјата и недостатокот од седишта на големите компании на истокот речиси и да не им дозволуваат на екипите да привлечат големи спонзори. Источна Германија е земјоделски регион, доминираат малите и средни претпријатија, а речиси сите гигантски корпорации се на западната страна од границата.

Екипите од истокот немаат и којзнае колкав приход од влезници. Германските статистичари кои 25 години после обединувањето ја анализираат разликата меѓу Истокот и Западот тврдат дека просечните примања на Истокот се за 25% помали од оние на Западот. На Истокот просечната заработка е 2.800 евра. Од 500 најбогати Германци, само 20 живеат во поранешната Источна Германија, од кои 14 се преселиле во Берлин. Просечната возраст на истокот е околу 60-години, така што поголем дел од населението и не е многу расположен да оди на стадиони.

Меѓутоа екипите од Истокот често се потпираат на помошта на оние од Западот. На пример Динамо Дрезден на почетокот на сезоната одигра пријателски натпревар против Баерн Минхен, а приходот од купените влезници, околу 2 милиони евра отидоа на отплатата на долговите на Дрезден. Пред 10 години, најбогатиот тим во Германија го помогна Динамо Дрезден со кредит од два милиони евра и го спаси од банкрот.

Од друга страна, Падерборн и Дармштад со скромни буџети успеаа да влезат во Бундес, но тоа не значи дека причините се само финансиите. Покрај недостатокот на средства, тимовите од Источна Германија немаат и многу добро потковани тренери. Учени во социјалистичката основа, клубовите од овој дел уште не се навикнати на млади, модерни тренери.

Не ја продаваме душата

Единствениот клуб од истокот кој може да се пофали со добар спонзор е Лајпциг зад кој стои гигантот Ред Бул. РБ Лајпциг е скратеница од RasenBallsport, но иницијалите често се доживуваат како скратеница од сопственикот на клубот, компанијата Ред Бул. Овој гигант на енергетски пијалаци вети дека во следниот период ќе вбризга околу 100 милиони евра за 8 до 10 години за да го донесе тимот од Оберлигиа (петта дивизија) во Бундеслигата. Ветувањето го дадоа во 2009-та и денес се во втората Бундеслига (Цвајта).

Енергетскиот гигант не го обожуваат претерно. Навивачите и управите на другите тимови редовно го критикуваат Лајпциг како пример на тим „кој го изгубил традиционалното" и се продал. На пример Унион Берлин во 2011-та бараше спонзор под кампањата: „Ја продаваме душата, но не секому". Во рамките на оваа кампања, клубот печатеше плакати со ликот на Сеп Блатер, Силвио Берлускони и Ред Бул, алудирајќи на еден клуб од Лајпциг.

Што се однесува до другите тимови, не им оди сè така гладко. Динамо Дрезден и покрај френетичната поддршка во третата германска лига со 30.000 луѓе на секој домашен натпревар, се бори со сериозни финансиски тешкотии. Истиот проблем го имаат и Ауе и Магдебург. Љубителите на овие тимови може само да се надеваат дека ќе ги надминат сите проблеми и ќе го најдат својот пат до Бундеслигата. Да претпоставиме дека ќе имаат и кому да ја продадат душата. Изгледа дека друг начин за спас на фудбалот во Источна Германија нема.