Зошто ви е толку омилен Бензема?

Немаме ништо лично против човекот кој веќе 10 години ниту еден тренер во Реал не се осмелува да го седне на клупа, ама па на толку форсирање ќе помислиме дека му е некој внук на Перез со дебели врски и во ФИФА и УЕФА.

Франс Фудбал и Екип ги објавија 30-те кандидати меѓу кои ќе се бира Златната топка за 2018-та година. Конкуренција е страшно јака бидејќи покрај стандардните Роналдо и Меси, тука се и Азар, Мбапе, Нејмар, Гризман, Салах, Суарез и уште ред играчишта.
 
Но она што малку боде око е присуството на Карим Бензема кој според формата и учинокот личи како да е ставен по дифолт, само поради тоа што е Бензема.
 
 
Не дека зборуваме за дрво, ама знаат ли организаторите колку гола даде францускиот напаѓач во првенство минатата сезона? 5 и тоа на 32 настапи. Па Барди со 9 е подобар стрелец од него, а да не вадиме сега видеа какви само беа головите на нашиов.
 
Аспас од Селта ја заврши сезоната со 22 гола, Стуани од Жирона со 21 и има уште цела листа на играчи, не само од Шпанија, туку од цела Европа кои имаат подобра сезона од него и пак него го ставаат.
 
Ако земеме да споредуваме ќе нема крај и затоа ќе споменеме само уште две имиња, а тоа се голгетерите на Интер и Лацио, Мауро Икарди и Чиро Имобиле кои завршија во Серија А како најдобри стрелци со по 29 голови.
 
Италијанецот експлодираше посебно и на сите натпреварувања постигна 41 гол за разлика од Бензема кој има вкупно 12. Епа како може тогаш Бензема да има предност пред Чиро? Вујче да не вртел броеви?

Плус вреди да се напомене и дека сезонава е “неприкосновен“. На шест меча по ред шутнал 15 пати и ниту еднаш не го погодил голот. Статистика по која ќе си дозволиме да кажеме дека годинава е дрво.

Ако мислите дека многу го нападнавме, клик тука.

9 октомври 2018 - 16:37