Во Дизелдорф живее најголемата јапонска дијаспора во Европа - брои околу 8.000 луѓе. Во строгиот центар на градот, во реонот Immermannstrasse (Имерманштрасе) постои јапонски кварт. Како произлегло ова?
Целата приказна датира од ’70-те и ’80-те години на минатиот век кога во Дизелдорф свои филијали основале многу јапонски корпорации. Голем дел од Јапонците кои живеат во градот се високоплатени работници во овие фирми и нивните семејства.
Како природен след на нештата, во градот се отвориле и многу јапонски ресторани, хотели и продавници.
СПОНЗОРСКА ПОДДРШКА
Додека фудбалскиот свет се бори да добие некој богат договор од источните авиокомпании, германските автомобилски производители и руските нафтни гиганти, Фортуна Дизелдорф решила да се потпре на она што е достапно во градот.
Во маркетинг тимот на бундеслигашот работи Хенго Сета, специјалист задолжен за јапонски партнерства. Неговата работа во клубот донела многу крупни јапонски спонзори. Меѓу оние кои вложуваат во клубот се Toyo Tires, Hitachi, Makita, Fujifilm и AsahiKasei. Според кажувањата на Сета, клубот ќе продолжи да бара нови спонзори со цел да застане цврсто на пазарот.
ЈАЗИЧНИ ОСОБЕНОСТИ
Тенденцијата на движење кон Азија ги зафаќа речиси сите сфери од човечкото живеење, во таа смисла и фудбалот. Азиски турнеи, отворање фан-клубови и продавници, пријателски средби со јапонски екипи итн.
За разлика од другите германски клубови, Фортуна има отворен пат на јапонскиот пазар.
На сајтот на Фортуна ќе најдете и верзија на јапонски јазик и германски. Ниту англиска, ниту шпанска ниту француска верзија.
На Јутјуб каналот на Фортуна може да најдете мноштво видеа посветени на Земјата на сонцето, а има и рубрика JapanTV со јапонски репортажи за клубот.
ДЕН НА ЈАПОНИЈА
На крајот од мај во Дизелдорф ќе се одбележи Денот на Јапонија. Празникот почнал да се слави во Германија на почетокот на овој век и е популарен во целата земја. Настаните организирани по тој повод, ги следат повеќе од 700.000 гости. А Фортуна веќе 10 години зема учество во прославата.
Клубот ги бои соблекувалните во црвено и бело, а на теренот може да се поигра фудбал и да се купат карти по промотивни цени за следните натпревари. Материјално Фортуна најмногу ја помага спонзорот Toyo Tyres, производител на автомобилски гуми кои исто е заинтересиран за нови членови.
ЈАПОНСКИ ИГРАЧИ
Во моментов стандарден јапонски фудбалер во тимот е Такаши Усами, 26-годишен играч од среден ред кој веќе втора сезона го носи дресот на Фортуна Дизелдорф. На него управата фрла посебен маркетинг акцент. Минатата година во Фортуна играше Генки Харагучи а пред пар сезони Џастин Кинџо. Секој од нив учествувал во рекламните и социјални проекти за јапонски пазар.
Во младинската школа има повеќе јапонски фудбалери кои мечтаат еден ден да станат Шинџи Кагава.
ШКОЛСКИ ЕКСКУРЗИИ
На територијата на стадионот на Фортуна постојано има екскурзии, но најголем интерес предизвикува школската тура за деца од јапонските училишта во Дизелдорф. Децата добиваат флаери и прирачници на јапонски јазик и стануваат поблиски до клубот уште од детството.
СОРАБОТКА СО ЈАПОНСКАТА ЛИГА
Пред пар години германски Bild пишуваше дека Фортуна заклучила таен договор со јапонската лига. Соработката се состоела од три големи проекти.
Првиот е размена на искуства во Центарот за млади таленти во Дизелдорф. Втората етапа вклучувала стажирање на тренерот Риоти Накамура во германскиот клуб (еднаш годишно на неколку недели), а третата етапа е пријателски натпревари меѓу младинците на Фортуна и јапонските клубови во Јапонија.
Претседателот на клубот, Роберт Шефер вака го прокоментирал целиот проект:
„Целта ни е да имаме сопствена мрежа во Јапонија. Кога ќе има некој интересен играч од таа земја, ние сакаме да се потпреме на познанствата со клубовите и одговорните луѓе таму. Контактите со лигата се многу важни за Фортуна затоа што ние сакаме да интегрираме јапонски играчи во нашиот тим во иднина.“
Во моментов Фортуна Дизелдорф е на 10. место во бундеслигата и со 37 бода речиси го осигура опстанокот во елитното друштво на неколку кола пред крајот.