Патот од пробување дрога до секојдневна употреба е маршутата по која одел Пауло Цезар, член на славната генерација на Кариоките од 1970. година.
„Немав никаква контрола над себе. Не требаше да го продадам драгоцениот медал. Тоа ми е страшен губиток. Не сум кажал на никој, но сега признавам“, изјави Цезар.
Пауло Цезар играше во најголемите бразилски клубови Ботафого, Фламенго, Флуминенсе, Гремио, Васко де Гама и Коринтијанс. Според сопственото признание, Цезар се навлекол на кокаин кога играл за Марсеј во сезоната 1974/1975. Со зависноста се борел цели 17 години, а во меѓувреме освен златниот медал поради дрогата загубил и три стана.
„Мене тогаш најважен ми беше кокаинот. Медалот не ми беше важен и ништо не ми значеше“, искрено зборува 65-годишниот Цезар.
На Мундијалот во Мексико 1970. година, Пауло Цезар одиграл пет натпревари за Бразил, но ги пропуштил полуфиналето и финалето. За Кариоките одиграл вкупно 57 натпревари и постигнал 10 голови. Клупската кариера ја завршил во Аикс ен Провенс во сезоната 1982/1983, каде докторот му рекол дека наскоро може да умре ако не го смени начинот на живот.