Запознајте го Итан Мбапе, брат му на Килијан со кој заигра неколку минути

Не е напаѓач, туку игра во среден ред, но за сега ги следи стапките на брат му во изборот на два клуба. Роден е 2006-та и е под договор со ПСЖ кој смета на него.

Ако на 20 декември го гледавте мечот ПСЖ - Мец до крај, сигурно сте забалежале двајца играчи на ПСЖ со презимето Мбапе.

Тоа беше посебна ноќ за нивните родители и повод за неколку славења. Килијан даде два гола и тоа токму на неговиот роденден, а во игра влезе брат му Итан на само девет дена пред да наполни 17 години. 

Додуше во судиското продолжение, доволно за да се испише тој податок како официјално деби во прв тим. Тој заигра за прв тим и на 15 години, но на пријателска против Париз ФЦ, а потоа беше повикан и на летна турнеја во Азија.

Инаку Итан Мбапе, исто како Килијан, првите фудбалски чекори ги направи во локалниот клуб Бонди во 2015-та и по две години замина во ПСЖ и тоа во истиот преоден рок со брат му.

Постигна гол на дебито за У-12 и потоа брзо прогресираше. Сезонава е дебитант во ЛШ со У-19, а паралелно тренира и со прв тим, каде не сакаат да го фрлат во оган и да го изгорат, со оглед на тежината на неговото презиме.

„Се работи за момче кое работи добро со правилен менталитет и агресивност. Постојано расте, добро се интегрира во тимот и ги користи своите можности. Така функционира фудбалот“, вели Зумана Камара кој му е тренер во младинскиот тим.

Инаку и двајцата се родени во декември и тоа во мундијалска година. Килијан на 20 декември 1998-ма, кога Франција стана светски првак, а Итан на 29 декември 2006-та кога Франција стигна до финале.

Првиот тест за младиот левоног Мбапе во младинската Лига на шампиони оваа сезона е против Јувентус. Влегол во второ полувреме и се прикажал успешно со добро читање на играта и неколку интересни идеи во изработка на играта.

Според весникот Le Parisien, Итан им кажал на родителите, кои ги следат неговите настапи, дека сака да остане во Париз и во случај Килијан да го смени клубот следното лето.

Интересно, прославата на головите на Килијан со прекрстени раце „ја украл“ токму од Итан, кога играле дома Плејстејшн. Тоа го раскажува Килијан во својата автобиографија.

Тој во знак на денот на раѓање на Итан, извесен период го носеше бројот 29.

Инаку Итан Мбапе во ноември 2021-ва доби повик од Франција У-16, а неговиот развој внимателно го следат и неговите родители и тренерите во ПСЖ.

3 јануари 2024 - 15:28