За мир во куќа, Бугарија ќе ја пречека Македонија во Разград наместо во Софија

Стадионот „Хјувефарма Арена“ во градот Разград на кој игра хегемонот во бугарскиот фудбал, Лудогорец, ќе биде домаќин на најдобрите бугарски и македонски фудбалери на отворање на третата сезона од Лига на нации.

Се овистинија најавите кои доаѓаа од Фудбалскиот сојуз на Бугарија. Ги потврди УЕФА која на својот сајт во колоната на мечот Бугарија - Македонија пиша дека ќе се игра во Разград. На 2. јуни од 18 часот ќе отвориме нова едиција на ЛН.

Челните луѓе на бугарскиот фудбал, веројатно инспирирани од идејата да ја однесат малку репрезентацијата и во друг град, но и да избегнат непријатни сцени на Националниот стадион „Васил Левски“ каде неретко локални навивачки групи знаат да го провоцираат ривалот на национална и верска основа, решија да играат со Македонија во мирниот Разград.

Во групата 4 од Ц Дивизијата селекторот Боби Милевски ќе гостува во град на северо-истокот од Бугарија, 29-от град по големина во оваа земја со население од 30.173 жители според пребројувањето на жителите во декември 2019-та година.

Покрај Бугарите кои послабо котираат од нас на ФИФА ранг листата, во нашата група се уште и стариот познаник Грузија како и Гибралтрар. Реваншот со Бугарите е закажан за 26 септември годинава, најверојатно во Скопје.

23 февруари 2022 - 08:07